Со затворањето на патот за влез во Охрид, според градоначалникот Пецаков, не се прекинува само делот Подмоље-Охрид, туку и двата булевари „Туристичка“ и „Железничка“, што, како што вели, ќе го зголеми метежот во сообраќајот и ќе го отежни движењето на приоритетните возила. Хотелиерите и туроператорите, пак, велат оти затворањето на оваа делница ќе создаде многу проблеми во туризмот
Одложување на градежните активности на патот Подмоље-Охрид до завршување на туристичката сезона, односно до средината на септември, бараат Општина Охрид, претставници на хотелиерите, туристичките оператори и агенции. Тие одржаа состанок на кој посочија оти затворањето на оваа делница ќе биде погубна за туризмот.

Сите учесници на состанокот, кој беше инициран од охрискиот градоначалник Кирил Пецаков, освен началникот на СВР Охрид, го потпишаа барањето кое ќе биде испратено до Министерството за транспорт и врски и до Владата.
„До ова барање се дојде имајќи предвид дека не станува збор за последни километри за изградба од автопатската делница, па така градежните активности може да се насочат на друга точка, а од септември да продолжат на оваа“,
изјави градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.
Со затворањето на патот за влез во Охрид, според Пецаков, не се прекинува само делот Подмоље-Охрид, туку и двата булевари „Туристичка“ и „Железничка“, што, како што вели, ќе го зголеми метежот во сообраќајот и ќе го отежни движењето на возилата на брза помош, полиција, пожарна, како и на оние што имаат потреба од итни здравствени услуги во Охрид и Струга.
Хотелиерите и туроператорите, пак, велат оти затворањето на оваа делница дополнително ќе влијае врз туристичките аранжмани и ќе создаде многу проблеми во туризмот.