Предлогот за одлагање на рочиштето што вчера го најави Основното јавно обвинителство Скопје во Судот било доставено денеска, соопштија од Кривичен, од каде што информираат дека се отповикани наредбите за спровод на обвинетите кои издржуваат притвор и куќен притвор за рочиштето кое требаше се одржи во вторникот следната недела
Основниот кривичен суд Скопје на неодредено го одложи почетокот на судењето против четворицата обвинети во случајот со грабнувањето и убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, кое беше закажано за 30 јули.
Одлуката на судот доаѓа откако вчера од републичкото Јавно обвинителство соопштија дека е завршена истрагата против првоосомничениот во случајот, Љупчо Палевски-Палчо и дека надлежниот јавен обвинител од основното јавно обвинителство Скопје ќе бара спојување на овој предмет со обвинението што ОЈО Скопје веќе го поднесе против останатите четворица обвинети. Истовремено од Обвинителството информираа дека поради овие околности ќе побараат одлужување на рочиштето закажно за во вторник, следната недела.
Предлогот за одлагање на рочиштето Основното јавно обвинителство Скопје го доставило до Судот денеска, соопштија од Кривичен.
„Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје на 26.07.204 година достави Предлог за одлагање на закажана главна расправа за предметот со К. бр. 1339/24, насрочена на 30.07.2024 година, а поврзан со двојното убиство на малолетната В. Ѓ. и велешанецот П. Ж. Имено, со оглед на фактот дека истрагата против осомничениот Љ. П. е завршена и по истек на законските рокови по известување за завршена истражна постапка, ќе биде изготвено и поднесено обвинение, кое се однесува за истиот кривичноправен настан за кој се води и предметот К. бр. 1339/24 против четворица други обвинети, а воедно се работи и за исти докази, од ОЈО Скопје, согласно член 28 од ЗКП ќе биде поднесен и предлог за спојување на двете постапки“,
се наведува во соопштението од Основниот кривичен суд Скопје.
Оттаму велат дека по добиениот предлог на Обвинителството, Судот ги отповикал наредбите за спровод на обвиниетите кои издржуваат притвор и куќен притвор.
„Имајќи го предвид добиениот предлог на Обвинителството, а заради економичност и ефикасност на постапката, судот ги отповика наредбите за спровод на обвинетите кои издржуваат мерка притвор и мерка куќен притвор, а судечкиот совет во согласност со одбраната ќе насрочи нов термин за отпочнување на главната расправа, за што странките и јавноста ќе бидат благовремено известени“,
се наведува во соопштението на Судот.
Инаку, како што соопштија вчера од Јавното обвинителство, по завршувањето на истрагата против Палевски тече рокот предвиден за неговата одбрана да изврши увид во доказите.
Неговиот адвокат Марјан Витановски во изјава за „360 степени“ вчера потврди дека во понеделникот на 22 јули го добиле известувањето од Обвинителството за завршената истрага и дека имаат рок од 15 дена да извршат увид во списите од предметот.
Покрај увид во списите, адвокатот рече дека имаат право да достават списи и докази прибавени од нивна страна, како и да бараат од Обвинителството да прибави определени докази, но, како што додаде, тоа нема да го направат во оваа фаза од постапката.
„Сите докази на одбраната ќе бидат доставени до Судот пред почетокот на главната расправа, а се работи за докази во поткрепа на изјавата на осомничениот дадена на записник пред јавниот обвинител“,
рече адвокатот.