Бранителот на Сашо Мијалков, адвокатот Звонко Давидовиќ, по одложувањето на денешното рочиште, во изјава за медиуми, рече дека биле известени дека обвинителката побарала одлагање, затоа што наводно била во контакт со лице суспектно на ковид-19
Поради тестирање за ковид-19 на обвинителката Лиле Стефанова, одложено е денешното рочиште за случајот „Плацови на Водно“ и следното, според календарот за Судот, е закажано за 2 септември.
Стручен соработник во Судот, пред почетокот на рочиштето, ги информира присутните дека судењето ќе се одложи поради тоа што јавната обвинителка Лиле Стефанова ќе се тестира за ковид-19.
Бранителот на Сашо Мијалков, адвокатот Звонко Давидовиќ, по одложувањето на денешното рочиште, во изјава за медиуми, рече дека биле известени дека обвинителката побарала одлагање, затоа што наводно била во контакт со лице суспектно на ковид-19.
„Ова е причина за одлагање, во оваа ситуација, каде што важат мерките за пандемија, но се прашувам што ќе беше ако се случеше со некој од бранителите, такво нешто. Најверојатно ќе беше повик дека е притворски предмет и дека е итна постапката, па се одолговлекува, но никогаш тоа не се случило со обвинителството, што покажува колку се рамноправни страните во постапката“,
изјави Давидовиќ.
Во петокот, адвокатот на бизнисменот Орце Камчев, Еленко Миланов соопшти дека е поднесена гаранција од речиси два милиони евра, со која Камчев бара да излезе од притвор.
Тој на прес-конференција објасни дека Камчев нуди имот вреден околу 1,8 милиони евра и 200 000 долари во готовина.
Одбраната на Камчев бара од судот, како што рече Миланов, барем тој да биде пуштен во куќен притвор, иако, вели тој, Камчев треба да се брани од слобода со оглед на гаранцијата што ја нуди пред судот.
Одбраната, исто така, смета дека обвинението за случајот е апсурдно, затоа што, според Миланов, во обвинението меѓу другото, е приложена стара изјава во предистражна постапка од поранешниот премиер Никола Груевски дадена во 2015 година за сомнежи што ги истражувало обвинителството, но за злоупотреба на службената положба, а не за перење пари, за што е обвинет Камчев.
Ова е второ барање на Камчев за пуштање од притвор, откако за првото, минатиот месец, обвинителството даде негативно мислење затоа што дел од имотната гаранција од речиси пет милиони евра што тогаш ја понуди бизнисменот е во сопственост на неговата мајка Ратка Куновска-Камчева која, исто така, е обвинета во овој случај.
Според обвинението, во периодот од јуни 2006 до октомври 2012 година, Груевски како лидер на партија наместо да прикаже пари како примени донации во ВМРО-ДПМНЕ, за себе прибавил 1,3 милион евра (79 972 140 денари), а потоа ги пуштал во оптек и купувал парцели на Водно. Станува збор за земјиште на кое имало шума, а кое со промените во Генералниот урбанистички план (ГУП) било пренаменето во градежно. Покрај имотот на Водно, обвинението опфаќа и два стана во главниот град и две парцели во Крушево за кои обвинителството тврди дека се прекривал вистинскиот сопственик.