Главната расправа за предметот „Меѓународен сојуз“, кој требаше да се одржи денеска во Кривичниот суд во Скопје, е одложена поради тоа што Бојан Јовановски, кој е еден од обвинетите, сѐ уште е во болница, соопштија од Кривичниот суд.
Јовановски е првообвинет и се товари за делата измама и перење пари. На обвинителна клупа со него се и: експратеничката Фросина Ременски, заменик-претседателката на „Меѓународниот сојуз“, Јасна Мандиќ, таткото на Боки – Миле Јовановски и асистентката Христина Блажевска.
Ременски е обвинета за помагање во делото измама, Мандиќ и Блажевска за помагање на двете дела (измама и перење пари), а таткото на Боки за помагање во перењето пари и за делото неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје, бидејќи при претрес во неговиот дом биле пронајдени три полуавтоматски пиштоли и муниција за кои немал дозвола. Како правно лице обвинета е и невладината организација.
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција го поднесе обвинението на 3 јануари годинава, а судот го одобри на 12 мај.
Судскиот процес го води судечки совет составен од двајца поротници и судијката Софче Гаврилова-Ефремова, која беше втор судија во случајот „Рекет“.
