„Путин се плаши директно да му каже на Трамп дека сака да ја продолжи оваа војна, дека сака да продолжи да убива Украинци. Затоа Москва ја заобиколува идејата за прекин на огнот со предуслови кои нема да овозможат ништо“, изјави украинскиот претседател
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја оцени како манипулативна првата реакција на претседателот на Русија, Владимир Путин околу предлогот за прекин на огнот, додавајќи оти ги отфрла, како што ги нарече, „предусловите“ што шефот на Кремљ ги наведе денеска.

„Она што го слушнавме од Русија беа многу предвидливи и многу манипулативни зборови на Путин“,
рече Зеленски во неговото вечерно видеообраќање, пренесе Би-би-си.
Според украинскиот претседател, изјавите на Путин во пракса значат дека тој се подготвува за одбивање на предлогот, но оти се плаши тоа директно да му каже на американскиот претседател, Доналд Трамп.
„Се разбира, Путин се плаши директно да му каже на Трамп дека сака да ја продолжи оваа војна, дека сака да продолжи да убива Украинци. Затоа Москва ја заобиколува идејата за прекин на огнот со предуслови кои нема да овозможат ништо“,
вели Зеленски.
Вели дека ова е позната и честа тактика на Путин, да не кажува директно „не“, туку да прави нешта што само ги одложуваат работите или „ги прави нормалните одлуки невозможни“.
„Ова е уште една манипулација од Русија. Одложувањата и неконструктивноста доаѓаа само од Русија“,
додава Зеленски.
Според него потребни се дополнителни санкции врз Москва, за да се изврши притисок врз Путин.
Британскиот национален сервис во куса анализа на одговорот Путин на предлогот за прекин на огнот во Украина наведува во него може да се насети дека рускиот претседател ги лоцирал слабостите во американскиот предлог и сега се обидува да ја „врати топката“ назад кон Трамп.
Ваквиот момент Би-би-си го гледа во серијата прашања што денеска ги упати рускиот претседател, а кои според него не се опфатени во предлогот за прекин на огнот и за кои дополнително треба да се разговара.
„Како ќе се решаваат другите аспекти по должината на контактната линија од 2 000 километри? Како што знаете, руските трупи напредуваат практично во секој сектор на контактната линија“. Значи, што би се случило во текот на тие 30 дена? Дали тоа би ѝ овозможило на Украина да продолжи со принудна мобилизација, снабдување со оружје за да може новомобилизираните единици да бидат обучени, или тоа нема да се направи? „Кој ќе даде наредба за прекин на непријателствата? Кој ќе одредува каде има прекршување на можниот договор за прекин на огнот долж линијата од 2000 километри и кој е виновен? Кој ќе биде обвинет за прекршување на примирјето?“,
рече Путин одговарајќи на новинарски прашања на заедничката прес-конфреренција со неговиот белоруски колега, Александар Лукашенко кој е во посета на Москва.
Според Путин сите овие прашања треба внимателно да се проучат од двете страни.
„Идејата е добра, и ние апсолутно ја поддржуваме, но има прашања што треба да ги разговараме и мислам дека треба да преговараме со нашите американски колеги и партнери, можеби преку телефонски повик со претседателот Трамп, но самата идеја да се стави крај на овој конфликт со мирни средства ние ја поддржуваме“,
рече Путин.

Коментирајќи ги изјавите на својот руски колега, американскиот претседател, Доналд Трамп денеска рече оти изјавата на Путин била многу ветувачка, но не била целосна.
„Многу детали за конечниот договор се всушност дискутирани. Сега ќе видиме дали Русија ќе се согласи или не, ако не, тоа ќе биде многу разочарувачки момент за светот“,
рече Трамп одговарајќи на новинарски прашања во Овалната соба на Белата куќа каде се сретна со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој е во официјална посета на Вашингтон.