Дополнителни причини, според неа, се и тоа што судницата во која се одвива процесот се наоѓа во близина на затворот, но и поради неговата здравствена состојба и потребата од лекарска интервенција
Адвокатката Ивана Коцевска, бранителка на првообвинетиот за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“, Дејан Јованов-Деко, кој е реален сопственик на клубот на денешното рочиште побара судот да донесе решение за негово преместување од затворот во Куманово во тој во Идризово.

Како причина за ваквото барање, таа наведе дека затворскиот персонал во кумановскиот затвор се однесува деградирачки, нечовечки и понижувачки кон обвинетиот.
Дополнителни причини, според неа, се и тоа што судницата во која се одвива процесот се наоѓа во близина на затворот, но и поради неговата здравствена состојба и потребата од лекарска интервенција.
Претходно, адвокатот Петре Шилегов, бранител на Шефкет Хазари од Министерството за економија, побара да се преипита обвинението за да се види кој бил директно инволвиран, а кој не, како и да се направи издвојување на постапките.
Според него, обвинението против дел од обвинетите, вклучително и Шефкет Хазари е правно неодржливо, бидејќи тие имале законска надлежност за инспекциски надзор, посочувајќи дека правдата не смее да се гради врз неправда.
Воедно, побара и да се одложи денешното рочиште.
Судот го одби неговото прво барање со образложение дека не може да му наложи на Обвинителството како да постапува.
„Јавното обвинителство е самостоен орган и судот не може да му наложи како ќе постапува и дали ќе се консолидира со ОЈО ГОКК, особено што судот секогаш мора да постапува само по поднесеното обвинение, не машајќи се во работата на ЈО, како и од причини што нема увид во другото обвинение и во овој момент и да го има, не може да врши споредба“,
рече судијката Диана Груевска-Илиевска.
Судењето продолжува со сведочење на Ана Костадиновска, придруќен вокал на групата ДНК. По нејзиноот сведочење, предвидено е сослушување на четворица други сведоци.
За пожарот во Пулс се обвинети 35 физички и три правни лица. Меѓу нив се сопственикот на „Пулс“, негови блиски, инспектори на државни институции, поранешни министри и припадници на агенцијата што го обезбедувала т.н. кабаре и нејзиниот сопственик.
На почетокот на судскиот процес сите се изјаснија дека не се чувствуваат виновни и ја оспорија тезата на одбраната дека има каузална, односно причинско-последична врска помеѓу нивните дејствија и причината за смртоносниот пожар.
Судењето ќе го води судијката Диана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
