Тие ја оценија казната како премногу строга и рекоа дека ќе поднесат жалба на пресудата, а можеби ќе се обратат и до меѓународни судови

Откако поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро беше осуден на повеќе од 27 години затвор за обид за државен удар, неговите адвокати изјавија дека пресудата била грешка и дека случајот не бил правилно обработен. Тие ја оценија казната како премногу строга и рекоа дека ќе поднесат жалба на пресудата, а можеби ќе се обратат и до меѓународни судови.
Судски совет на Врховниот суд на Бразил синоќа го осуди поранешниот претседател Жаир Болсонаро на 27 години и три месеци затвор за заговор за државен удар, за да остане на власт по поразот на изборите во 2022 година.
Мнозинството судии на Врховниот суд, четворица од петмина, пресудија дека 70-годишниот Болсонаро водел заговор против неговиот левичарски ривал Луиз Инасио Лула да Силва.
Според пресудата, иако заговорот не успеал да обезбеди доволна воена поддршка, тој кулминирал со насилниот упад на поддржувачите на Болсонаро во владини згради на 8 јануари 2023 година.
Како што пишува Ројтерс, осудените од Врховниот суд на Бразил имаат право на жалба што може да ја промени одлуката за нив само ако најмалку двајца судии се изјасниле различно од мнозинството.
Со само еден судија кој се спротивставува, адвокатите на Болсонаро може да успеат да се жалат само за пократка затворска казна или да побараат тој да ја отслужи казната во домашен притвор.
Синот на Болсонаро, Едуардо, ги нарече судиите „корумпирани“ и рече дека војната сè уште не е завршена.
Според обвинителите, Болсонаро планирал да прогласи вонредна состојба и да распише нови избори, но успеал да ја добие поддршката од военото раководство.
Осудата значи дека 70-годишниот Болсонаро е првиот поранешен бразилски претседател осуден за обид за државен удар по напуштањето на функцијата.