Адвокатите на обвинетите Велибор Манев и Влатко Кешишев на денешните завршни зборови рекоа дека нивните клиенти евентуално може да сносат вина за грабнувањето на Вања Ѓорчевска, додека бранителот на Боре Видевски посочи дека Обвинителството со ниту еден доказ не го докажало учеството на неговиот клиент во кривично-правните настани
Бранителите на обвинетите Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев денеска на завршните зборови на одбраната во Основниот кривичен суд Скопје побараа на тројцата обвинети да им бидат изречени ослободителни пресуди во врска со убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.

Адвокатите на Манев и Кешишев – Горан Бошевски и Игор Ефремов – рекоа дека нивните клиенти евентуално може да сносат вина за грабнувањето на Вања, додека бранителот на Видевски, Бојан Манев, рече дека Обвинителството со ниту еден доказ не го докажало учеството на неговиот клиент во кривично-правните настани.
„Барам ослободителна пресуда за обвинетиот Боре Видевски бидејќи Обвинителството буквално со ништо не го докажа неговото учество во кривично-правните настани, најмногу затоа што тој во ниту еден случај не учествувал во вакви монструозни работи, затоа што е човек со морален интегритет и затоа што нема никаква врска со овие убиства, туку сам по себе е жртва на овој систем, на оваа буквална монтировка, на која ќе ѝ дојде крајот со изрекувањето на пресудата. Сметам дека имавме целосно неподготвен предмет без релевантни докази“,
рече адвокатот Манев оценувајќи дека правецот по којшто е водена истрагата е целосно погрешен.

Рече дека единствената поврзаност на Видевски со останатите обвинети е членството во Десна, а својот клиент го опиша како татко на две деца и тренер по карате кој извел многу деца на вистинскине пат. Адвокатот на Видевски ја нападна и валидноста на признанијата на обвинетите, за кои рече дека се изнудени.
Адвокатот Горан Бошевски, бранител на Велибор Манев, побара ослободителна пресуда за кривичното дело убиство, а осудителна за грабнувањето. Во однос на правната квалификација, адвокатот рече дека за да се утврди соизвршителство треба да постои договор со другите лица за извршување на делото. Потенцира дека во случај на договор, сите одговараат за истите дела, но ако тој изостанува, секој треба да одговара за своите постапки.

Во однос на кривичното дело грабнување, Бошевски побара судот при одмерувањето на казната да изрече две одделни казни и потоа да утврди една, единствена пресуда, која ќе биде приспособена на личноста на обвинетиот и насочена кон целта на превенцијата, како единствено легитимна цел на кривичната постапка.
Адвокатот детално го опиша грабнувањето и убиството на Вања и Панче, согласно сведочењето на Манев, и нагласи дека неговиот клиент не учествувал во нивните убиства.
Бранителот на обвинетиот Влатко Кешишев, адвокатот Игор Ефремов, побара ослободителна пресуда за својот клиент во врска со убиствата на Вања и Панче, а евентуална вина, како што посочи, може да сноси само за грабнувањето на Вања. Тој тврди дека од доказите на кои се темели обвинението како и од сведочењата на сведоците, со ништо не се потврдува учеството на Кешишев во дејство на сторување како извршител или соизвршител. Рече дека тој не може да биде ниту обвинет, а уште помалку осуден како соизвршител, бидејќи за да биде соизвршител, неговите дејствија треба да се неопходно потребни за извршување на кривичното дело кое му се става на товар, а такви дејствија од негова страна, според адвокатот, не постојат.

„Имајќи предвид дека за постоење на соизвршителство од член 22 од ЗКП е потребна свест и умисла кај соизвршителот дека врши дејствие на извршување на некое кривично дело и истиот го сака неговото извршување, во обвинителниот акт ниту е посочена умисла ниту свест за вршењето на дејствијата од страна на обвинетиот Влатко Кешишев, ниту пак такво нешто може да се заклучи од изведените докази“,
рече адвокатот Ефремов.
Додаде дека Кешишев постојано бил на располагање на истрагата и со неговата соработка значително придонел кон расветлување на случајот и побара од Судот непристрасно да ги оцени фактите, да не му се припишува вина за дела за кои нема докази дека ги сторил, ниту како извршител ниту како соизвршител.