Во Скопје и во Ротимље денеска се одбележува 18-годишнината од смртта на поранешниот претседател Борис Трајковски кој заедно со членови од неговиот Кабинет загина во авионска несреќа во близина на Мостар.
Делегација на Република Северна Македонија во која како претставничка на Владата беше Славица Грковска, заменичка на претседателка задолжена за добро владеење, независниот пратеник Зекир Рамчиловиќ во име на Собранието на Северна Македонија и Катерина Цаневска, како претставник од Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија, положи венци свежо цвеќе на спомен обележјето на авионската несреќа кај Ротимље, близу Мостар во Босна и Херцеговина, во која загина поранешниот претседател на државата Борис Трајковски и членовите на неговиот кабинет што го придружуваа на ова патување, како и екипажот на авионот.
На одбележувањето на 18 годишнината од трагичниот настан од смртта на претседателот Борис Трајковски, на спомен обележјето на несреќата венци, со пригодна државничка и воена церемонија, свежо цвеќе положи делегација на Република Босна и Херцеговина.
Во рамките на пригодните активности на Владата на Република Северна Македонија во знак на одбележување на 18 годишнината од авионската несреќа во која животот го загуби поранешниот претседател Борис Трајковски, свежо цвеќе на гробот на поранешниот претседател на Република Северна Македонија Борис Трајковски, во Бутел во Скопје, положи владината делегација во состав Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи, Владимир Рендевски, заменик-министер за здравство и заменик-министерот за транспорт и врски, Беким Реџепи.

Во авионската несреќа, што се случи на 26 февруари 2004 година, загинаа претседателот Борис Трајковски и осумчлена делегација која патуваше на Меѓународна конференција во Мостар. Покрај претседателот Борис Трајковски, животот го загубија портпаролот Димка Илкова Бошковиќ, советниците Ристо Блажевски и Анита Лозановска, претставникот на Министерството за внатрешни работи, Миле Крстевски, телохранителите Аце Божиновски и Борис Велиновски, како и пилотот и копилотот на авионот.