По тој повод денеска пред споменикот „Карпалак“ во Прилеп им беше оддадена почит и положено цвеќе. На настанот присуствуваа државни делегации, роднини на загинатите, претставници на здруженија и други граѓани

Горан Миноски, Сашо Китаноски, Веби Рушидоски, Бранко Секулоски, Љубе Грујоски, Нане Наумоски, Ердован Шабаноски, Марко Деспотоски, Пеце Секулоски и Дарко Вељаноски. Ова се десетте прилепски бранители кои на денешен ден пред 24 години беа убиени при заседата на армискиот конвој кај месноста Карпалак, на патот Скопје – Тетово.
По тој повод денеска пред споменикот „Карпалак“ во Прилеп им беше оддадена почит и положено цвеќе. На настанот присуствуваа државни делегации, роднини на загинатите, претставници на здруженија и други граѓани.
Градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески рече дека сеќавањата не бледнеат, а пораките се посилни бидејќи Карпалак е рана, но и завет.
„Завет дека Македонија ќе биде држава на правда, на мир и на достоинство. Завет дека нема да има повеќе поделби и омраза. Завет дека нашето минато ќе нè учи, а не да нè разделува. Семејства на загинатите херои – не сте заборавени. Вашата болка е болка на цел Прилеп. Вашето достоинство е сила за сите нас“,
рече тој.
Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, рече дека Прилеп и Македонија ги чествуваат храброста, жртвата и идеалот на загинатите бранители.
„Овој ден е силно врежан во моите мисли, кога заедно со повеќе од сто резервисти бевме сведоци на ужасот кој им го одзеде животот на моите соборци кои загинаа во одбрана на нашата татковина. Овие луѓе се големи херои на Македонија, но тие беа и наши сограѓани, нашите соборци, наши синови, татковци, сопрузи“,
изјави тој.
На загинатите денеска им беше оддадена почит и пред спомен-обележјето на месноста Карпалак. Јордан Трајкоски од Здружението на резервните воени обврзници од Прилеп рече дека е разочаран бидејќи по толку години нема достојно спомен-обележје на ова место, само една плоча со имиња.
„И денеска го најдовме истото место без никакво достојно одбележје. Ние секоја година го повторуваме истото барање и наидуваме на еден куп ветувања дека ќе има споменик, ваков ќе биде – таков ќе биде, а помина 22 години откако првпат дојдовме во 2003 година и е без достојно спомен-обележје“,
рече Трајкоски.