Според градоначалникот на Центар и претендент за нов мандат, документите кои се достапни за секого покажуваат дека во овие шест месеци се издадени 34 одобренија, а дека на одобрување чекаат уште осум

Градоначалникот на Општина Центар и кандидат од редовите на СДСМ за нов мандат, Горан Герасимовски, во гостување во емисијата „360 степени“ на МРТ 1, вели дека министри од редовите на ЗНАМ деновиве шират невистини и дезинформации дека тој издал 300 одобренија за градба и оти уште 80 се на листа за чекање. Според Герасимовски, кој за ривал во вториот круг го има Мирослав Лабудовиќ од ЗНАМ, документите кои се достапни за секој покажуваат дека во овие шест месеци се издадени 34 одобренија, а дека на одобрување чекаат уште осум.
„Таа процедура е законска и мора да тече. Дополнително, што направивме? Правевме сѐ да го заштитиме државното земјиште. Не продадовме ниту еден квадрат од државното земјиште на лицитација. Поднесовме иницијатива преку ЗЕЛС до Министерството за транспорт, ако имате 70 отсто да можете да оформите 30, што е различно од тоа во моментов – ако имате 30 можете да дооформите 70. Направивме во правилниците да имаме што повеќе зеленило и дополнително високостеблести дрва во самите парцели, за да го подобриме паркирањето, да ги отстранивме оние лажно претставени клацкалки, двојни паркирања во самите станбени објекти“,
кажа Герасимовски.
Тој додава дека поради лошиот мораториум и ненавременото менување на деталните урбанистички планови, со пристапувањето во општината, се соочил со проблеми зашто на маса имал 300 барања за градба.
Кандидатот од редовите на СДСМ вели и дека новите урбанистички планови се прават во интерес на граѓаните, дека се намалува катноста и квадратурата, а на делови како Кале се бришат и маркици за градба и се прави пренамена за зеленило или спорт. На новинарско прашање зошто не се направи нешто слично во Дебар Маало, тој кажа оти таа населба е густо населена и оти се останати многу малку куќи кои треба да станат згради.

„Во Дебар Маало ќе почнеме сега да го носиме ДУП-от, но таму е скоро сѐ реализирано, исто како и на одредени други ДУП. Гледам, критикуваат – донесени се три ДУП-а итн. Значи, за да се донесе еден детален урбанистички план, се вклучуваат повеќе институции. Ние изминатите четири години имаме донесено три. Четири се во завршна фаза пред Советот и уште шест коишто се во фаза на реализација. Значи, имаме 13 отпочнати ДУП. И во сите нив, особено во донесените и во тие што се во процедура, го заштитуваме државното земјиште. Правиме што поголеми зелени површини, отстрануваме маркици, намалуваме квадратури, прошируваме сообраќајници, сѐ со цел да ги подобриме условите на живот“,
кажа Герасимовски.
Во однос на градењето на местото на поранешната фабрика „Треска“, Герасимовски вели дека доколку тој се прашувал, на тоа место сакал да има езеро каде тој со неговите деца, но и останатите жители би шетале, но оти тоа е приватно земјиште. Рече оти за таму постоело идејно решение за кое тој лично не се согласувал, зашто е целосно незаконско и за кое залудно се потрошиле финансиски средства, и оти законот мора да се почитува бидејќи така наложил и судот кој на два пати го буткаше мораториумот.
