„Сега МНР е претворено во институција која го рекламира министерот дома, во рамките на државата, а најмногу во Чаир, каде има добиено партиска задача да помирува фракции во неговата матична партија“, рече поранешниот шеф на дипломатијата и актуелен пратеник и претседател на собраниската Комисија за надворешни работи, Антонијо Милошоски, на панел-дискусијата на тема „Алармантните состојби во македонската дипломатија“, организирана од опозициската ВМРО-ДПМНЕ
На трибината свое обраќање имаше амбасадорот и претседател на Македонскиот дипломатски синдикат, Зоран Дабиќ, кој зборуваше за „шемите“ според кои во Министерството за надворешни работи се прават унапредувања без некаква законска основа. Според него, последните седум-осум години може да се поделат на два периоди – на масовно вработување на партиски кадри и унапредување на истите кадри
Поранешниот амбасадот на земјава во Бугарија, Марјан Ѓорчев, во своите ставови беше дециден дека како држава сме должни да ги браниме човековите права на Македонците во пиринскиот крај во Бугарија. Според него, ние како држава покажавме огромна слабост со Бугарија, што нејзината искусна дипломатија добро го сфатила и го искористила
Многубројни критики за состојбите во Министерството за надворешни работи (МНР) и обвинувања за злоупотреби можеа да се слушнат на денешната панел-дискусија на тема „Алармантните состојби во македонската дипломатија“, организирана од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Поранешниот шеф на дипломатијата и актуелен пратеник и претседател на собраниската Комисија за надворешни работи, Антонијо Милошоски, на панелот истакна дека МНР и нејзиниот углед се злоупоутребуваат за евтини реклами на актуелниот министер за надворешни работи Бујар Османи.

„Она кое законски го има како надлежност Министерството е да ја промовира државата надвор од своите граници во економска, политичка, трговска и културна област. Сега МНР е претворено во институција која го рекламира министерот дома, во рамките на државата, а најмногу во Чаир, каде има добиено партиска задача да помирува фракции во неговата матична партија“,
изјави Милошоски.
Тој го наведе како евтина реклама примерот кога Османи се пофали пред медиумите со набавени тротинети, што според Милошоски е крајно несериозно и злоупотребено од министерот за сопствена кампања.
Пратеникот како друг пример ја посочи и кампањата со најавените економски оператори која, како што истакна, остана без реални резултати.
„Министерот за надворешни работ излезе на прес-конференција сериозен максимално, спремен за фотографирање и за пред камери и кажа дека МНР започнува нова фаза во развојот и работата, а тоа е промоција на економската дипломатија, воведување на економски советници со анализа и проценка која ќе ги покрие сите географски области и земји каде Македонија има интерес. На крајот се тресеше гората, а се случија 2-3 прес-конференции и се испратија 4 советници – во Варшава, Минхен, Истанбул и Абу Даби. И нема никаков фидбек колку Македонија привлекла инвестиции од Полска, колку од арапскиот свет“,
рече Милошоски, потенцирајќи дека на еконосмки план МНР е најслаба алка.
На трибината свое обраќање имаше амбасадорот и претседател на Македонскиот дипломатски синдикат, Зоран Дабиќ, кој зборуваше за „шемите“ според кои во Министерството за надворешни работи се прават унапредувања без некаква законска основа.
Според него, последните седум-осум години може да се поделат на два периоди – на масовно вработување партиски кадри и унапредување на истите кадри.
„Она што во врска со вашето прашање би можел да го констатирам е дека последните 7-8 години би ги поделил на два периода. Првиот период е на масовно впумпување на партиски кадри во МНР, а вториот период, последните неколку години, масовно унапредување на истите тие кадри. Дури како синдикат утврдивме одредени параметри и начини како тоа се прави и е многу едноставно. Во минатото имавме неколку национални координатори за одредени области, но сега има неколку десетици позиции на национални координатори кои веројатно се користат пред сè за унапредување“, истакна Дабиќ.

Во своето обраќање тој рече дека има брзо унапредување на одредени лица, иако во дипломатијата, исто како и во војската, треба да има периоди од кариерата во кои се стекнува одреден чин.
„Системот е едноставен. На одреденото лице кое сакате да го унапредите му давате функција национален координатор за некоја област и автоматски поради титулата добива едно звање, унапредување и после три месеци таа титула му се одзема и се дава на друг за да оди истиот систем, а него по дискреционо право му се дава второто звање. Дискреционото право е нешто што по исклучок треба да се прави, меѓутоа се користи во овој врзан систем за двојни унапредувања. И така, имате ситуации во кои буквално за една година од низок ранг дипломати добивате среден ранг дипломати, или, пак, други дипломати од среден ранг во највисок ранг дипломати, иако во дипломатијата, исто како во војската, има периоди за секој во војска чин или за секое звање, три-четири години мора да бидете поручник, па мајор, па капетан. Овој е само еден од начините како тоа правило се заобиколува“,
вели Дабиќ.
Во врска со претседавaњето на С Македонија, односно на министерот за надоворешни работи со ОБСЕ, Дабиќ рече дека меѓу темите треба да има такви за национална промоција, но, според него, тоа не се прави и се губи голема шанса која нема да се повтори.
Тој вели дека претседавањето со ОБСЕ е значајна работа, но не и од тие димензии кои се проектираат во јавноста од нашето раководство.
Како една од темите кои, според Дабиќ, можат да бидат опфатени за време на претседавањето со Организацијата, се односите со Бугарија и кочниците што доаѓаат од Софија.
„Ние како синдикат и како дипломати поединци во разни прилики укажувавме дека при формулирање на приоритетите, а секое претседавање има обично 5-6 приоритети, би било добро да се опфати и тема, не директно како наш проблем, туку како поширок проблем, еве, на пример, нашето закочување од страна на Бугарија. Да се отвори тема и да се даде придонес за подлабоко разгледување на состојбите со малцинствата, што е впрочем и една од функциите на ОБСЕ. Третата димензија, човековата димензија е директно врзана со тоа. Јас колегијално имам сознанија дека тоа нема да се случи, што ми е многу жал бидејќи пропуштаме една голема шанса, особено имајќи предвид дека оваа шанса нема да се повтори“,
рече Дабиќ.
Поранешниот амбасадор на земјава во Бугарија, Марјан Ѓорчев, во своите ставови беше дециден дека како држава сме должни да ги браниме човековите права на Македонците во пиринскиот крај во Бугарија.

„Одраз на ставот на оваа политичка гарнитура е дека македонската нација завршува со границите на македонската држава. Тоа е нешто што е неприфатливо во контекст на она што претставува балканска географија и развојот на народите на Балканскиот Полуостров кој секогаш бил мултиетнички. Невозможно е сите други народи од соседството да имаат народи во Македонија, а само ние како Република Македонија да немаме право да говориме за нашите малцинства во Грција и Бугарија“,
рече Ѓорчев.
Според него, ние како држава покажавме огромна слабост со Бугарија, што нејзината искусна дипломатија добро го сфатила и го искористила.
„Ние како држава покажавме огромна слабост и една од причините за една ваква офанзивна реторика на бугарската држава е што тие разбраа дека имаат работа со една неорганизирана дипломатија која ни малку не се грижи што се случува со Македонците во Бугарија и од година во година нивниот број се намалува“,
изјави Ѓорчев.
