Според него, евентуалното напуштање на владината коалиција нема да предизвика парламентарна криза, и тоа не може да влијае врз стабилноста на Владата
Дали ќе се оди на предвремени парламентарни избори заедно со локалните во октомври, ексклузивно зависи од ВМРО-ДПМНЕ, рече денеска лидерот на крилото на Алијанса за Албанците кое е дел од власта, и министер за здравство, Арбен Таравари, по настанот за одбележување на 30 години УНДП во земјава.

„Ако тие одлучат така, тогаш мора да се оди на избори. Начелно сметам дека прво треба да има локални, а идната година предвремени парламентарни“,
вели тој.
Сепак, додаде дека ако се дојде до ситуација да имаме двојни избори, тогаш ќе се подготвуваат и ќе дадат максимум за добри резултати.
За разговорите со премиерот Христијан Мицкоски, додаде дека поминале во конструктивна атмосфера, како и дека сѐ уште не е решено дали ќе истапи од Владата.
„На две столици не можеме да седиме. Пред два дена имав конструктивен разговор со премиерот Мицкоски, на кој тој кажа што мисли и јас кажав што мислам. Останавмее на став да продолжиме со разговорите“,
рече тој.
Според него, евентуалното напуштање на владината коалиција нема да предизвика парламентарна криза, и тоа не може да влијае врз стабилноста на Владата.
„Не може да дојде до парламентарна криза, бидејќи има бројки. И без нас има 73 пратеници, што е мнозинство. Може да се случи и некој пратеник од Фронтот да влезе во Влада, па така сметам дека нашето излегуваме нема да биде проблем за делување на Владата“,
кажа Таравари.
Потенцира дека нивната интенција и тенденција не е да предизвикаат политичка криза.
На прашањето дали постои можност за евентуална соработка со доскорешните партнери во коалицијата ВЛЕН, посочи дека не останало простор да се преговара.
Додаде дека сега се сконцентрирани на локалните избори, односно да освојат повеќе општини.
„Алијанса за Абанците, како и секоја друга партија, сака да освои повеќе општини“,
кажа тој.
Уште од вечерва, посочи дека ќе почнат подготовките за избор за кандидати за градоначалници во општините Гостивар и Врапчиште, а денеска или утре ќе се формира изборниот штаб.