Во дел од медиумите се објавени фотографии од чинот на апсење на функционерот на СПМ, Анакиев, за што од партијата сметаат дека одговорните институции треба да дадат издржано објаснување
Откако вчеравечер во полициска акција е уапсен актуелниот директор на Државниот инспекторат за земјоделство, Васе Анакиев, поради сомнение за примање мито, денеска со соопштение излезе неговата матична Социјалистичка партија на Македонија (СПМ), која воедно е и дел од владејачката коалиција.

Оттаму ги повикуваат надлежните институции да постапуваат според закон, одговорно и без селективност да ги преземаат сите активности во разоткривањето на кој било случај за кој постојат основани сомненија за сторен криминал или злоупотреба на службената должност.
„Почитувањето и примената на законот исклучува селективност или пристрасност и обезбедува праведност“,
велат од партијата.
Инаку, Анакиев е потпретседател на Социјалистичката партија на Македонија, чиј лидер е Љупчо Димовски, актуелниот вицепремиер за политички систем.
Од СПМ реагираат и на тоа што во дел од медиумите се објавени фотографии од чинот на апсење на нивниот функционер Анакиев. Сметаат дека за нивното протекување во јавноста одговорните институции треба да дадат издржано објаснување.
„СПМ жестоко реагира на нападнатото партиско етикетирање на актуелни случаи со сериозни обвиненија и тенденциозното објавување фотографии со кои се гази врз човековото достоинство, а за што од одговорните е потребно издржано објаснување“,
пишува во реакцијата.
Од СПМ велат дека за време на владеењето на минатата власт врз нивните одговорни лица и пратеници се вршел жесток притисок, како и политички и кадровски прогон, со што очекувањата од новата демократска власт одат во насока на воспоставувањето на владеење на правото и на правната држава, но и во одговорноста во работењето на секој поединец или институција.
Актуелниот директор на Државниот инспекторат за земјоделство, Васе Анакиев, вчеравечер е уапсен во полициска акција под координација на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) поради сомнение за примање мито.
Неофицијално, Анакиев бил фатен при примање поткуп во износ од околу 50 000 евра.
Тој е именуван за в.д. директор на Државниот инспекторат за земјоделство во јули 2024 година.
