Со законското решение е опфатена листа од над 2 500 земјоделски и прехранбени производи чиј рабат ќе биде ограничен на 10 отсто, што ќе влијае во намалување на цените во малопродажбата. Покрај ограничен рабат, законот предвидува трговците да не смеат да наплаќаат дополнителни трошоци за маркетинг, репрезентација, како и за истакнување одреден производ на полица
Од викендов во сила стапува Законот за нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи, кој дополнително треба да ги намали цените на прехранбените производи.
Со законското решение е опфатена листа од над 2 500 земјоделски и прехранбени производи чијшто рабат ќе биде ограничен на 10 отсто, што ќе влијае во намалување на цените во малопродажбата. Покрај ограничен рабат, законот предвидува трговците да не смеат да наплаќаат дополнителни трошоци за маркетинг, репрезентација, како и за истакнување одреден производ на полица.

Законот беше усвоен во март годинава, а денеска завршува шестмесечниот период предвиден за усогласување со законските одредби од страна на добавувачите и купувачите кои склучиле договори за снабдување на производи. Во спротивно, договорите стануваат ништовни.
Периодот од шест месеци за усогласување на статутот и општите акти со одредбите од овој закон имаше и Комисијата за заштита на конкуренцијата која е надлежна за надзор над спроведувањето на Законот. Комисијата поведува и прекршочна постапка во случај на кршење на законските одредби.
„Прекршочна постапка се поведува по службена должност или по барање на физичко или правно лице кое има легитимен интерес за утврдување на постоење прекршок и мора да заврши во рок од три месеци. Решенијата за сторен прекршок се објавуваат на веб-страницата на Комисијата за заштита на конкуренцијата. Онаму каде што ќе се утврди дека се прекршени одредбите на Законот, се одредува казна односно висина на глоба, дефинирајќи го нејзиното ниво и рокови за плаќање. При изрекувањето на казните односно глоби, Комисијата за заштита на конкуренцијата ги зема предвид сите олеснителни и отежнувачки околности, како што се тежината, обемот и времетраењето на прекршокот и последиците што овој прекршок ги има врз добавувачите“,
информираат од Министерството за економија и труд.
Во зависност од тежината и значењето на прекршувањето, Законот предвидува казни за најтежок прекршок и полесни прекршоци. Највисокиот износ на казна за најтежок прекршок може да изнесува до 20 000 евра за голем трговец и од 350 до 500 евра за одговорното лице. Највисокиот износ на казна за полесен прекршок што може да се изрече во постапка е 5 000 до 6 000 евра за голем трговец и 350 до 500 евра за одговорното лице.