Повеќе од 330 илјади пензионери ќе ги добијат дополнителните 1 000 денари со исплатата на мартовската пензија преку договорената директна финансиска помош која ќе биде исплатена и во месеците април и мај, информира Министерството за труд и социјална политика
Од утре, 29 март, започнува етапната исплата на мартовските пензии, кои се повисоки за 1 000 денари.
Повеќе од 330 илјади пензионери ќе ги добијат дополнителните 1 000 денари со исплатата на мартовската пензија преку договорената директна финансиска помош која ќе биде исплатена и во месеците април и мај, информира Министерството за труд и социјална политика.
Пензиите, како што додаваат оттаму, ќе бидат исплатени предвреме и етапно, со цел да се овозможи поголема заштита на пензионерите во услови на опасност од коронавирусот.
„Подигнувањето на пензиите преку филијалите и експозитурите на банките за пензионерите кои не користат картички ќе се реализира во четири групи, според висината на пензијата: за пензии со висина до 11 000 денари, исплатата да се изврши на 29.03.2022 (вторник); за пензии со висина 11 001-14 000 денари, исплатата да се изврши на 30.03.2022 (среда); за пензии со висина 14 001-18 000 денари, исплатата да се изврши на 31.03.2022 (четврток); и за пензии со висина над 18 001 денари, исплата да се изврши на 01.04.2022 (петок),
наведуваат од Министерството.

„Пензионерите кои користат платежна картичка, поврзана со сметката на која се префрлува пензијата, со парите можат да располагаат од 29 март (вторник). Тие можат да ја подигнат пензијата на банкомат, да ги користат средствата за плаќање во трговската мрежа или за електронски плаќања“,
додаваат од МТСП.
Одлуката за дополнителна финансиска поддршка од 1 000 денари за пензионерите беше донесена по одржувањето на состанокот помеѓу Владата и здруженијата и Партијата на пензионерите, а ќе важи за наредните три месеци, април, мај и јуни.
Освен дополнителната помош од 1 000 денари, беше одлучено и воведување нова методологија за пресметка на растот на пензиите според која ќе се врши усогласување на пензиите два пати годишно – во март и септември односно тогаш кога Државниот завод за статистика ги дава официјалните податоци. Новата методологија значи примена на т.н. швајцарска формула за пресметување на растот на пензиите.