Можноста за влез во Грција и со негативен антигенски брз (рапид) тест и зголемување на возраста од шест на 12 години за задолжителниот тест, се двете промени на правилата за влез во Грција, кои од утре, во 6 часот наутро стапуваат во сила, а ќе важат и за државјаните на Северна Македонија, јави дописничката на МИА од Атина.
Па така, како што пренесува МИА, за патување кај јужниот сосед задолжителен е документ поврзан со ковид-19, односно: сертификат за вакцинација кој покажува дека поминале 14 дена од примена втора доза; или негативен резултат од ПЦР тест не постар од 72 часа; или негативен резултат од брз (рапид) тест не постар од 48 часа до влезот во Грција; или потврда за прележан коронавирус.
Исто така, покрај еден од овие 4 докази потребен е и пополнет PLF формулар од веб-страна travel.gov.gr.
Овие обврски важат за лица со наполнети 12 години.
Промените вчера ги најави заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас, кој рече дека земјите ќе бидат поделени во зелена, портокалова и црвена категорија.