Според прогнозите, бројот на дневни нови инфекции се очекува да достигне од 15 000 до 20 000 во ноември
Поради драматичното влошување на состојбата со коронавирусот и пораст на дневниот број на новозаразени и зголемената зафатеност на капацитетите на одделенијата за интензивна нега, австриската Влада донесе одлука да ги заостри мерките и од утре (понеделник) да го воведе правилото „2Г“ низ цела Австрија.

Австрискиот канцелар Александар Шаленберг најави дека претходно усвоениот план се надградува со пет нивоа и дека од понеделник ќе се применува четвртиот степен.
„Ситуацијата во Австрија е многу сериозна, како и во низа други европски земји. Динамиката е неверојатна и искористеноста на капацитетите во интензивната нега очигледно расте побрзо од очекуваното. Наша одговорност е да ги заштитиме граѓаните. Ние ја презедовме таа одговорност“,
рече Шаленберг на прес-конференција.
Тој посочи дека брзата акција е многу важна, особено ако сакаат да го „спасат“ Божиќ и зимската туристичка сезона.
Кои се мерките?
Тоа значи дека од понеделник ширум државата ќе се применува правилото „2Г“ кое предвидува дека пристап до угостителски објекти, услужни дејности и слично ќе имаат само лица кои имаат потврда за вакцинација или потврда за прележан ковид не постара од 180 дена.
На работните места останува во сила правилото „3Г“, што значи дека покрај потврдата за вакцинација или прележан ковид, ќе важи и негативен тест.

Со одлука на Владата, невакцинираните де факто се оневозможени да влезат во угостителски објекти, хотели, културни установи, забавни установи, спортски манифестации и настани со над 25 лица.
Договорено е да се даде четиринеделен преоден период кој ќе им овозможи на луѓето со една доза од вакцината да го исполнат условот „2Г“ со ПЦР тест.
Одлучено е и да се воведе општа обврска за носење маски со повисока заштита FFP2 во сите продавници, музеи и библиотеки.
Рокот на важност на таканаречениот „зелен пасош“ е намален од една година на девет месеци од втората доза.
Сите лица кои ја примиле вакцината „Џонсон и Џонсон“ ќе треба да ја примат втората доза до 3 јануари за да имаат сè уште валиден зелен пасош.
Што се однесува до децата, налепниците кои потврдуваат дека детето е тестирано во училиште (три пати неделно), ќе продолжат да важат и за местата каде се применува правилото „2Г“.
Во ноември се очекуваат до 20 илјади заразени дневно
Министерот за здравство Волфганг Микштајн изјави дека за неколку дена ќе биде надмината бројката од 500 пополнети кревети на интензивна нега.
Истовремено, тој укажа и на ефикасноста на вакцината, велејќи дека главно невакцинираните се под закана да се разболат тешко и да завршат на интензивна нега.
Микштајн рече дека е договорено со покраините да се обезбеди поголема безбедност со построги мерки.
„Долгорочно, ќе можеме да ја надминеме оваа пандемија заедно само ако што е можно повеќе луѓе во Австрија да бидат заштитени со вакцината“,
рече тој.
Според прогнозите, бројот на дневни нови инфекции се очекува да достигне од 15 000 до 20 000 во ноември.