Намалување на цените од утре се очекува да има на лебот и на другите пекарски производи, но за млекото и млечните производи корекција на цените ќе се направи по Нова година
Компаниите од месната индустрија ја поздравуваат одлуката на Владата за фиксна цена на струјата и истовремено бараат да ги укине давачките на увозните суровини кои не се произведуваат во државата, мерка која беше активна до јуни 2022 година
Од утре се очекува намалување на цените на основните прехранбени производи за, како што најавија од Министерството за економија, од пет до 13 отсто.
Намалување се очекува на лебот, за кој дел од пекарниците велат дека од утре ќе може да се купува и за 32 денари. Во наредниот период ќе има корекција и на цените на другите пекарски производи, веројатно за околу 10 отсто. Намалување за над 10 отсто е можно и кај месните производи доколку Владата донесе одлука со која би се укинале давачките на увозните суровини, како што бараат компаниите од овој сектор. Но, намалени цени во декември не може да се очекуваат кај млечните производи кои, според преработувачите, ќе бидат поевтини дури од јануари.

Намалувањето на цените на основните прехранбени производи се очекува поради тоа што од утре овие производители, преку „ЕСМ продажба“, треба да добиваат струја по субвенционирана, фиксна цена од 80 евра за мегават-час.
Компаниите ја поздравуваат мерката како почеток за целосно решавање на проблемот во нивната индустрија. Сметаат и дека регулираната цена на струјата, комбинирана со мерката за маржите во малопродажбата, ќе даде ефект.
Мелничарите и натаму се на ставот дека со активирање на стоковните резерви би се постигнал поширок бенефит. Посериозна стабилизација, пак, на цените кај млечните производи, како што оценуваат од млечната индустрија, може да се очекува само ако им се даде поевтина струја и на фармерите.
„Од утре, 1 декември, граѓаните ќе може да имаат леб по подостапна цена од 32 денара, а во наредниот период, по пресметките, ќе се направи корекција и на цените на другите пекарски производи која би била за околу 10 отсто во овој сектор. За да можеме уште повеќе да излеземе во пресрет на потребите на граѓаните, а воедно да не ја загрозиме ликвидноста на компаниите, сметаме дека активирање на стоковите резерви е мерка со која би се постигнал поширок бенефит. Според информациите кои ги имаме за резервите со кои располагаме како држава, треба да е доволно и за овој период, а не би требало да има поголеми проблеми и наредната година, бидејќи Србија од каде се прави најголемиот увоз има доволни количини. За трендот на движење на цените на пченицата не може однапред да се дадат подолгорочни прогнози, бидејќи се работи за берзански производ и зависи од пошироките глобални движења и случувања“,
изјави за МИА потпретседателот на Сојузот на стопански комори (ССК) и претседател на Агробизнис комората, Горан Ѓорѓиевски.
Цените на млечните производи ќе се намалат по Нова година
Според Стопанската комора на Северна Македонија, млечните производи што ќе се произведуваат од 1 декември натаму, со евтина струја, ќе се продаваат по Нова година.
„Млечната индустрија е специфична поради подолгите неколкумесечни процеси на производство. Ферментирањето за дел од производите како кашкавал или сирење, трае два до три месеци. Тоа што сега ќе се произведе во млечната индустрија, ќе се продава од јануари натаму или производите со евтина струја ќе се продаваат после Нова година. Малку поразлично е во пекарската индустрија каде многу побрзо може да се чувствуваат позитивни ефекти и намалување на цените“,
објаснуваат од Стопанската комора.

Оттаму нагласуваат дека секоја компанија ќе ги намалува цените на производите зависно од процентот на учество на енергијата во крајниот производ, но под услов цените на суровината, амбалажата и другите инпути да останат исти.
Компаниите од месната индустрија кои деновиве одржаа работен состанок, заклучија дека процентот на намалување на цената на крајниот производ сепак ќе зависи и од тоа со колкав процент во него учествува енергијата.
„Кога цената на енергијата беше највисока, 500 евра за мегават-час, таа учествуваше со 15 отсто, а сега, со намалени цени, учествува со 2 – 8 отсто. Тоа важи за мелничката и месната индустрија. Само за споредба околу конкурентноста на македонските прехранбени производи во однос на производите од Србија – во август и септември, кога цената на електричната енергија беше највисока, учеството на енергијата во производот од Србија во однос на оној од Северна Македонија беше 1/10. Ако кај нас учеството беше 15 отсто, во Србија највисокото учество беше 1,7 отсто. Во овој момент, во нашите производни цени државата со своите зафаќања учествува со над 35 отсто (суровина до 20 отсто), вклучително и енергијата, без платите. Затоа во моментов имаме повисоки цени отколку што се оние во опкружувањето и постепено го губиме домашниот пазар, како и јавни набавки каде единствен критериум е цената“,
објаснуваат од Комората.
Месната индустрија, како што велат од Комората, пак, не бара субвенции, туку само изедначување на условите за стопанисување.
„Србија има 8 отсто давачка, другите земји немаат царина на замрзнато месо, а ние имаме од 18 до 35 проценти во зависност од тарифниот број. Владата ги увиде ваквите состојби, донесе одредени мерки во таа насока и тие треба да се заокружат до крај за да се реализира заедничката цел – граѓаните да купуваат домашни евтини и квалитетни месни производи“,
дополнуваат од Комората.
Компаниите од месната индустрија ја поздравуваат одлуката на Владата за фиксна цена на струјата и истовремено бараат да ги укине давачките на увозните суровини кои не се произведуваат во државата, мерка која беше активна до јуни 2022 година.
„Целта за намалување на цените е заедничка – и на Владата и на граѓаните и на индустријата. Сите ќе бидат задоволни доколку намалувањето на цените на месните преработки биде што поголемо, на пример, над 10 отсто, што може да се случи веднаш ако се донесе одлука за ослободување од плаќање на царината на одредени тарифи на суровина за крајна употреба за овој кризен период, а за трајно решение да се прифати предлог-законoт кој е доставен до Министерството за финансии и Владата“,
додаваат од таму.
Владата тврди дека намалувањето на цените на производите ќе биде и до 13 отсто
Министерот за економија Крешник Бектеши, пред неколку дена, по средбата со производителите и претставниците на најголемите синџири на маркети, рече дека очекува во почетокот на декември да има намалување на цената на основните прехранбени производи од пет до 13 отсто.
„Одреден производител на млеко имаше пред 4 – 5 дена цена над 80 денари, а денеска цената е 76 и најверојатно од 1 декември ќе има дополнително намалување. Одредени производители на леб имаат цени над 40 денари, а денеска тие се движат од 36 – 38 денари. И таму очекуваме дополнително намалување. Истото важи и за месните производи“,
подвлече министерот.

Дополнителното намалување на цените на основните продукти, како што нагласи министерот, ќе биде врз основа на тоа што привршуваат сите постапки во ЕСМ продажба за склучување на договорите со компаниите производители на основните прехранбени производи за снабдување со поевтина струја.
Бектеши додаде и дека може да се случи и зголемување на цената на суровини кои се увезени, но, како што нагласи, постојат одредени механизми за стабилизација и намалување на цените.
„Ние сме подготвени и тоа да го направиме, но прво сакаме да видиме дека има волја дека кризата не треба да биде на товар на граѓаните, односно потрошувачите, туку сите да ја распределиме“,
потенцираше тогаш министерот.
И премиерот Димитар Ковачевски најави намалување на цените на основните прехранбени производи.
„Со последната мерка на Владата обезбедивме поевтина струја за компаниите кои вршат производство на основните прехранбени производи. Резултатите веќе се евидентни, одредени производители ја намалија цената на лебот, а цената на маслото за јадење на одредени произведувачи е намалена и за 40 денари. Очекувам во наредните денови до 10 отсто намалување на цените на основните прехранбени производи. Ова е време на одговорност, не е време за профит“,
порача Ковачевски.