Пациентите на Пониква ќе одат поделени во групи, а таму ќе има медицински тимови достапни 24 часа. Престојот ќе биде по две недели
Од утре почнува реконструкцијата на Општата болница во Кочани, токму од Одделот за физикална медицина, рече денеска на прес-конференција во Владата, новата директорка на оваа здравствена установа, д-р Катерина Мирчовска.
„Во соработка со Клиничката болницата од Штип ќе се направи план за згрижување на пациентите додека трае реконструкцијата на кочанската болница. Ниту еден пациент нема да остане без физикална терапија“,
рече таа.

Владата на 10 јуни донесе одлука одморалиштето „Пониква“ да стане рехабилитациски центар за сите повредени во пожарот во т.н. дискотека во Кочани.
Одморалиштето „Пониква“ има 27 соби и 56 легла и е ставено на располагање на Министерството за здравство за лекување на пациентите кои имаат потреба од дополнителна медицинска услуга во период од 10 јуни до 20 август.
Според д-р Мирчовска, се финализираат подготовките за прием на повредените пациенти, односно одморалиштето ќе биде готово до крајот на неделата.
Пациентите на Пониква ќе одат поделени во групи, а таму ќе има медицински тимови достапни 24 часа. Престојот ќе биде по две недели.
„Планот на Владата е ‘Пониква’ да се направи центар за рехабилитација, ресоцијализација и да се пружи психолошка поддршка. Во првата група ќе бидат пациентите кои се веќе на физикална терапија во болниците во Кочани и во Штип. Нема да биде изоставен ниту еден пациент, ќе им биде понудено на сите. Ќе има четири физиотерапевти, медицински сестри, психолози и психотерапевти. Физикалната терапија ќе биде надгледувана од специјалист физијатар“,
рече таа.
Д-р Гордана Георгиева од Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија во Скопје, која е дел од работната група за евалуација на третманот и лекувањето на повредените, рече дека во периодот од 20 мај до 10 јуни се евалуирани 167 пациенти. Посочи дека пет пациенти сѐ уште се хоспитализирани во болници во државата, а уште пет се на лекување во странство.
Неевалуирани се осум пациенти кои се со привремен престој или живеалиште во странство.
„Пациентите се класифицирани во пет групи, почнувајќи од прва група како најлесна форма, до петта група како најтешка. Во првата група се 36 пациенти, во втората – 49 пациенти, во третата група има 41 пациент, во четвртата се 25, а во петта група има 16 пациенти“,
кажа д-р Георгиева.
На почетокот на идната недела во Општата болница во Кочани ќе се спроведе активност за земање мерки за изработка на компресивна облека за пациентите за кои претходно тоа не било направено. Тоа ќе се реализира со претставништвата на изработувачите на облеката од Бугарија и Германија, а се работи и на скенирање со тридимензионален скенер за пациентите со изгореници на лицето, главата и вратот за да им се изработат силиконски маски по мерка.
Портпаролката на Владата, Марија Митева, рече дека 109 граѓани за три дена од пуштање на телефонската линија 070/355-526 се јавиле и оставиле свои барања и предлози. Меѓу најчестите предлози е како да се скрати времето на патување и лекари специјалисти, како, на пример, пулмолози, да доаѓаат во Кочани за преглед на пациентите.