Од утре, 27 мај, започнува исплатата на пензиите која според одлуката на Владата од минатата недела ќе биде етапна во периодот до 1 јуни, во зависност од висината на пензиите.
Како што соопшти денеска Министерство за труд и социјална политика, подигнувањето на пензиите преку филијалите и експозитурите на банките за пензионерите кои не користат картички ќе се реализира во четири групи, според висината на пензијата.
В среда, на 27.5.2020 година, ќе се врши исплата на пензии до 11 000 денари, в четврток, на 28.5.2020, на пензии од 11 001 до 14 000 денари, в петок, на 29.5.2020, на пензии од 14 001 до 18 000 денари, додека в понеделник, на 01.6.2020, ќе се реализира исплатата на пензии повисоки од 18 000 денари.
Според Министерството, пензионерите што користат платежна картичка, поврзана со сметката на која се префрлува пензијата, со парите можат да располагаат од утре.
Целта на етапната исплата на пензиите е за поголема заштита на пензионерите во услови на опасност од коронавирусот, велат од Министерството и апелираат до пензионерите да се придржуваат до распоредот за исплати, да носат лична заштитна опрема којашто ги покрива устата и носот, како и да држат растојание од најмалку два метра при чекање ред пред и внатре во банките.
