Скринингот ќе го вршат две екипи со две амбулантни возила, со што ќе се овозможи навремено детектирање на евентуални симптоми што упатуваат на заболувања на дишните патишта кај населението
Утре и задутре, на 24 и 25 септември, ќе се спроведува скрининг на населението на Трубарево и околните места, информира денеска министерот за здравство Азир Алиу, посочувајќи дека прегледите ќе ги вршат екипи од Клиниката за пулмологија и алергологија.

„Ги замолувам сите граѓани што сметаат дека треба да посетат доктор да се пријават на овој скрининг. Прегледите се наменети за жителите од Трубарево и од околните места, а особено за лицата што чувствуваат потешкотии при дишењето или имаат симптоми што укажуваат на заболувања на дишните патишта“,
рече министерот.
Според него, скринингот опфаќа комплетен клинички преглед, спирометрија, ЕКГ и други потребни прегледи.
„Доколку се појави потреба од дополнителни испитувања, тие или ќе бидат извршени на лице место или пациентите ќе бидат упатени на Клиничкиот центар во Скопје“,
кажа тој.
Директорот на Клиниката за пулмологија и алергологија, Оливер Зафировски, рече дека скринингот ќе го вршат две екипи со две амбулантни возила, со што ќе се овозможи навремено детектирање на евентуални симптоми кај населението, со цел да се обезбеди на потребната здравствена заштита.
„Започнавме една убава акција „Здравјето на граѓаните пред сè“. Два тима ќе ги посетат сите граѓани во Трубарево и ќе направат почетни испитувања. Во зависност од тоа, ако може да се постави дијагноза или да се покаже дека немаат никакви оштетувања на нивните бели дробови, останува да им се ревидира терапијата. Но, ако има потреба, ги упатуваме на Клиниката за пулмологија за да можеме да ги продлабочиме испитувањата“,
рече Зафировски.
Според вчерашниот Извештај за квалитетот на воздухот на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), концентрациите на ПМ 10 честички во Трубарево се во рамките на дозволените граници и не ја надминуваат 24-часовната гранична вредност пропишана за заштита на човековото здравје.
По пожарот што на 13 септември се случи во фабриката „Ф-групација“, каде гореше електричен и електронски отпад, ресорното Министерство постојано врши мерења на квалитетот на воздухот во Трубарево.
Црниот чад што се дигна од пожарот неколку часа можеше да се види речиси од цело Скопје.
Така, примероците земени од воздухот во Трубарево на 13 и на 14 септември покажаа дека честичките ПМ 10 биле покачени речиси за двојно, односно биле измерени 92,65 микрограми на кубен метар, а дозволената граница е 50.
Концентрацијата на олово била 0,75 микрограми на кубен метар, а дозволената граница е 0,5. Арсен имало 8,9 нанограми на кубен метар, а дозволено е 6.
Најголемо зголемување имало кај кадмиумот, чии концентрации биле над десет пати повеќе од дозволеното. Измерени биле 59,1 нанограм на кубен метар, а дозволената граница е 5.