Од утре маската одново станува задолжителна секаде, не само во затворените простори како што беше случај досега, а новина е воведувањето двојна маска или маска со висока заштита за супермаркетите и јавниот превоз
Силна препорака туристите да се тестираат на вториот и четвртиот ден по пристигнувањето, задолжителна маска и на отворено и во затворено, задолжителна двојна маска или КН95 во супермаркетите и јавниот превоз, откажување на сите јавни собири за празниците, силна препорака за тестирање пред празничните собири, се новите мерки на грчката влада што од утре стапуваат во сила во Грција, јави МИА од Атина.
Министерот за здравство на Грција, Танос Плеврис, кој ги соопшти одлуките на владата, рече дека мерките се во две фази: првата е од утре, а втората од 3 јануари 2022 години, но за нив дополнително ќе одржи состанок надлежната комисија на епидемиолози.
Во втората фаза, по Нова година, мерките ќе се однесуваат на ноќниот живот, односно на работното време на клубовите и баровите, на работа од дома, на спортските натпревари и евентуалното одржување без публика.

Мерките што од утре наутро стапуваат во сила и ќе важат до 3 јануари во шест часот наутро, се однесуваат на задолжителната маска, откажувањето на сите јавни божиќни и новогодишни манифестации, но и на силната порака за тестирање.
„Посетителите што доаѓаат во Грција, освен задолжителниот ПЦР од 72 часа или рапид-тест од 24 часа, бидејќи имаме индикации дека кај многумина болеста се појавува по направениот ПЦР или рапид, ќе бидат обврзани со силна препорака да го повторат тестирањето на вториот и на четвртиот ден по нивниот влез во земјата, за да можеме да следиме дали се заболени“,
рече Плеврис, додека пак на новинарско прашање објасни дека за туристите, постои силна препорака за тестирање со фактот дека е „многу тешко, речиси невозможно да се контролира“.
Силна препорака има и за тестирање на граѓаните пред секој собир или прослава, додека пак од утре маската одново станува задолжителна секаде, не само во затворените простори како што беше случај досега, а новина е воведувањето двојна маска или маска со висока заштита за супермаркетите и јавниот превоз.