Тие се незадоволни што власта ги игнорира барањата што досега неколку пати ги кажале: директна неповратна финансиска помош, транспарентно донесување закон за сметководствени работи, пролонгирање на роковите за годишните сметки и даночните пријави, како и задолжителна консултација со експерти од дејноста за секоја дополнителна обврска со рок
Сметководителите од утре ќе им се придружат на туристичко-угостителските работници и заедно со нив ќе протестираат. Тие се незадоволни што власта ги игнорира барањата кои досега неколку пати ги кажале: директна неповратна финансиска помош, транспарентно донесување закон за сметководствени работи, пролонгирање на роковите за годишните сметки и даночните пријави, како и задолжителна консултација со експерти од дејноста за секоја дополнителна обврска со рок.

На денешната прес-конференција пред Министерството за финансии на сметководителите им се приклучија и претставниците од угостителскиот сектор, како и од туристичките агенции кои информираа дека веќе испратиле допис до Владата во кој бараат детално објаснување за начинот како ќе бидат спроведени мерките од шестиот антикризен пакет кои се однесуваат на нивната дејност.
За средба со вицепремиерот Фатмир Битиќи кој сам ги повика да седнат на заедничка маса, официјална покана се уште не добиле.
„Бараме изготвување закон за вршење сметководствени работи што ќе обезбеди заштита на фелата и ќе ги гарантира нејзините права наспроти обврските. Бараме законот да се креира и донесе во инклузивен и транспарентен процес, без обиди за манипулации од структурите Министерството за финансии. Повеќе од една година се справуваме со здравствената криза, а недостигот на соодветна и навремена поддршка придонесе илјадници компании да престанат со вршење дејност и да се изгубат многу работни места. Истата судбини ги очекува и дел од над 1 800-те сметководствените претпријатија ако продолжи игнорантскиот однос од страна на институциите“,
вели претседателот на Комората на сметководители, Драган Митковски и предупреди дека ликвидноста на сметководителите во земјава е на алармантно ниско ниво.
За тоа колкава помош ќе им треба, сметководителите ќе излезат со анализи врз основа на точниот број вработени по фирми за да конструира соодветен пакет кој би ги задоволил потребите.

Од Туристичко-угостителската комора (ТУК) најавија дека утре ќе излезат со оценка за мерките од шестиот пакет што беа објавени вчера. Се уште ги анализираат, но чекаат и одговор од Владата за начинот, методологијата и условите под кои ќе може да се аплицира за предвидената помош.
„И во минатите пакети, едно беше колку се дава, а друго начинот на кој се аплицира преку институциите како УЈП и условите што треба да се исполнат од аспект на документација, платени давачки… Бараме Владата да ни испрати точната методологија, односно како е замислено да тече начинот на апликација и кога е планирано тоа да се имплементира. Досега сме сведоци на континуирано задоцнето реализирање на мерките. Исто така, треба да видиме и на што се однесуваат тие 30 проценти, дали од вкупно прикажаниот приход или од некој друг начин на пресметување приход. Има многу нејаснотии“,
истакна Мартин Ангеловски од ТУК.

Претставниците на туристичките агенции,пак се незадоволни од предвидената помош, која ја сметаат за недоволна и моментална. И тие најавија дека ќе останат на протестите пред Министерството за финансии додека не им бидат исполнети барањата во целост. На вицепремиерот Битиќи му порачаа ако навистина сака да се сретне со нив, Владата да испрати официјална покана за да се организира состанок.