Во првата недела, активностите ќе се спроведуваат исклучиво на локациите со поставени камери на подрачјето на Град Скопје
Од утре до 31 јануари, секојдневно во периодот од 8 до 20 часот ќе се врши тестирање, калибрација и верификација на поставените камери за сообраќаен надзор од проектот „Безбеден град“, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Оттаму додаваат дека за време на спроведувањето на овие активности, нема да се пропуштаат возила на локациите каде се врши постапката на тестирање.
Во првата недела, активностите ќе се спроведуваат исклучиво на локациите со поставени камери на подрачјето на Град Скопје.
МВР ги повикува граѓаните и сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат привремените ограничувања, како да и покажат разбирање, трпение и соработка, со цел да се изврши непречено реализирање на планираните активности.
Системот „Безбеден град“, според најавите на надлежните официјално треба да почне да функционира од 1 февруари.
Дека овој датум ќе биде запазен оптимизам изрази и премиерот Христијан Мицкоски кој рече дека нејаснотиите што ги имале со ДУИ за измените на Законот за прекршоци се надминати и оти очекува тие да бидат донесени на следната собраниска седница.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче денеска соопшти дека како партија би го поддржале предлог-законот за прекршоци, чие носење е клучно за да може да почне да се применува системот „Безбеден град“.
Сепак, како што вели, власта не одговара на два многу важни аспекта поврзани со системот „Безбеден град“.
„Прво – што ќе се случува со огромната количина на податоци кои тој систем ги генерира, имајќи предвид дека ВМРО-ДПМНЕ е позната по злоупотреба на такви податоци. И втората работа е висината на казните. Тоа е нешто за што мора да се разговара и тие две прашања ќе ги покренеме во Собранието“,
рече тој.
