Османи, меѓу другото, додаде дека за еден час на граничниот премин „Деве Баир“ ќе пристигне уште една група граѓани, меѓу кои и семејството со новороденчето
Oд Украина досега вкупно се евакуирани 120 лица, главно македонски државјани, а дел се и украински државјани со нивни семејства, информираше министерот за надворешни работи Бујар Османи на денешниот брифинг, додавајќи дека за еден час на граничниот премин „Деве Баир“ ќе пристигне уште една група граѓани, меѓу кои и семејството со новороденчето.
Тој посочи дека во активна евакуација се 43 наши граѓани, што значи дека ги напуштиле живеалиштата и се на пат да излезат од Украина, а пред еден час седум граѓани ја напуштиле државата.
Османи додаде дел од наши граѓани кои ја напуштилe Украина заминале во Полска и решиле да останат таму, со намера во прва можност да се вратат повторно во Украина. Има и граѓани кои во С Македонија немаат ништо, освен македонско државјанство кои решиле да останат во Полска или соседните земји.
„Минатата недела МНР испрати дипломатска мисија во Украина со цел да ја олеснат евакуацијата на македонските граѓани. Околу 38 граѓани сè уште се во нивните живеалишта во Украина, од кои 11 во Киев, седум во Запорожје и 20 по другите градови“,
вели Османи.
Во однос на повторното заминување на македонскиот амбасадор Крум Ефремов во Украина, министерот истакна дека неколку дена пред евакуацијата амбасадата се наоѓала во скривница поради бомбардирањето, поради што морале да бидат извлечени од Киев на побезбедно место во Украина.
Османи појасни дека по нивната евакуација, повторно продолжил процесот на евакуација на македонските граѓани и оти сме една од ретките држави што повторно ја врати амбасадата во Украина, сè додека и последниот граѓанин не биде евакуиран од таму.