Доколку маркетите не ја почитуваат оваа одлука, казните се движат од 500 до 10 илјади евра, како и затворање на маркетите и до 15 дена
Од средината на април трговците ќе имаат задолжителна обврска да ги објавуваат цените на производите на своите интернет-страници. Во наредните десетина дена, пак, ќе бидат објавени и правилниците на кој начин тоа ќе се прави. Ова денеска на прес-конференција го изјави министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, посочувајќи дека ваквата обврска на трговците е поради измените на Законот на заштита на потрошувачите.

„Законот очекуваме деновиве да биде објавен во ‘Службен весник’. Во него се предвидува во рок од 45 дена од денот на влегување во сила на истиот, трговците на своите веб-страници да ги објавуваат цените на сите производи што ги продаваат во своите продавници“, рече тој.
Со овие законски измени, како што додаде, се очекува поголема транспарентност на цените во маркетите, поголема конкурентност и намалување на цените.
„Граѓаните сега ќе можат да одберат каде ќе ги трошат нивните пари. Ќе знаат секој производ во кој маркет и по која цена се продава. Можат сами да одберат кој производ да го земат и од кој маркет. Ваквата мерка ќе придонесе и до зголемување на конкурентноста меѓу трговците и намалување на цените на производите. Потрошувачите ќе бидат целосно информирани за тоа кој производ колку чини“, кажа Дурмиши.
Овој Закон, министерот вели дека се однесува на мали и на средни претпријатија и не ги опфаќа микротрговците и трговците поединци, односно маалските дуќани.
Доколку маркетите не ја почитуваат оваа одлука, казните се движат од 500 до 10 илјади евра, како и затворање на маркетите и до 15 дена.
Инаку, од 20 февруари дел од основните прехранбени производи во маркетите треба да се продаваат со пониски цени, откако Владата донесе мерки за ограничување на бруто-профитната маржа и за замрзнување на цените.
Со ограничена бруто-профитна маржа од пет отсто треба да се продаваат млекото, лебот, брашното тип 400 и 500, јајцата, маслото за јадење, јогуртот и киселото млеко. Месото и преработките од месо, шеќерот, млечните производи, маргаринот, путерот, конзервираниот зеленчук и овошје, гравот, оризот и тестенините ќе имаат ограничена маржа од 10 отсто, а на 15 отсто се ограничува на средствата за хигиена, свежото овошје и зеленчукот, детергентите, бебешката храна, пелените, сапунот, тоалетната хартија.
Според Дурмиши, Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) е на терен и инспекторите проверуваат дали маркетите ги усогласиле цените на производите.
„До крајот на неделата е предвидено да се направи надзор на над илјада трговски објекти низ државата, по што ДПИ ќе излезе со податоци за евентуално непочитување на истата од страна на одредени маркети. Ако не се почитува оваа одлука, казните се од 500 до 10 илјади евра, па и до затворање на маркетите за 15 дена“, рече тој.
Очекувањата се, како што додаде, дека цените ќе се намалат во просек за околу 10 отсто, со што ќе се влијае на стабилизирање на инфлацијата и заштита на животниот стандард на граѓаните.