„Идејата е дека кога постојат силни медицински индикации, не естетски, кога тежината не може на ниеден друг начин да се контролира, да се пристапи кон овој начин на интервенција. Тука треба да признаеме дека веќе дебелината не ја гледаме како естетски проблем, туку како здравствен проблем, односно како вложување во здравјето на единките бидејќи, на пример, дијабетесот не може да биде апсолвиран без регулирање на тежината“, вели директорот на ФЗО
Од 30 до 35 отсто од луѓето во државата имаат проблем со обезност, а во светот се една милијарда луѓе. За десет години, според проекциите, оваа бројка би требало да порасне за 50 отсто, значи 1,5 милијарда луѓе и тоа не само во развиените држави, туку и во оние што се во развој. Ова на денешната прес-конференција по повод Светскиот ден на обезноста го изјави министерот за здравство Арбен Таравари, посочувајќи дека во земјава има два центри за третман на обезност, од кои едниот е на Клиниката за ендокринологија, а другиот во Градската општа болница „8 Септември“, а уште еден наскоро ќе се отвори и во Прилеп.
„За првпат во државата, 25 пациенти преку Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) и Министерството за здравство (МЗ) ќе можат да се оперираат ако се обезни и ако има индикации за тоа. Ова е новина што се случува во нашата држава“,
рече Таравари.

Директорот на ФЗО, Сашо Клековски рече дека годинава за првпат е обезбеден буџет за изведување баријатриска хирургија на Клиниката за дигестивна хирургија.
„Наменети се околу 120 милиони денари за оваа цел. Идејата е дека кога постојат силни медицински индикации, не естетски, кога тежината не може на ниеден друг начин да се контролира, да се пристапи кон овој начин на интервенција. Тука треба да признаеме дека веќе дебелината не ја гледаме како естетски проблем, туку како здравствен проблем, односно како вложување во здравјето на единките, бидејќи на пример, дијабетот не може да биде апсолвиран без регулирање на тежината“,
вели Клековски.
Директорот на Клиниката за дигестивна хирургија, Огнен Костовски вели дека во денешно време се повеќе хирургијата станува една крајна инстанца и ексклузивитет на оние пациенти кои рефрактерни на фармаколошкиот и конзервативен третман.
„Би направил корекција на бројките. Имаме 30 пациенти кои би биле за хируршко лекување и 10 за експандирачка капсула. На крајов на месецов или веќе следниот би сакал да најавам дека би почнале првите интервенции кои биле на товар на ФЗИ. Пациентите ќе бидат регрутирани преку Центрите за дебелина, а тоа ќе бидат пациентите што се рефрактерни на конзервативниот третман“,
кажа директорот на Дигестивната клиника во Скопје.
Посочи дека хируршкиот тим за овие операции е подготвен, двајца хирурзи биле во Малта на обука, а имаат и соработка со Центарот за минимална инвазивна хирургија во Ниш.
„Првите интервенции ќе бидат со странска рака, но не дека немаме искуство. И претходно се вршеле вакви интервенции, но сега ќе биде со стандардизирање на процедурите. на овој начин ќе го третираме заболувањето како во светски рамки и благодарен сум што овие хируршки процедури се сфатија како заболување, а не како естетика“,
додаде тој.
Посебно внимание се посвети на обезноста кај децата, каде се посочи дека се прават напори да се отвори центар за менаџирање на обезноста на Детската клиника.
Според статистиките на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), 14 до 15 отсто од децата се обезни, а преку 50 отсто се натхранети.
Најдебелиот пациент во земјава што е третиран во Центарот за обезност има 288 килограми, посочи д-р Ирфан Ахмети.