„Децата и родителите де факто и немаат потреба да го имаат свидетелството во раце освен што тоа е некаков начин да се дружат, да се пофалат, да се израдуваат, па некои и да се разочараат и да вложат повеќе труд. Впрочем училиштето секогаш може да искористи еден до два топа хартија од по 500 денари за да им даде некаков вид на документ на децата дека завршиле одделение“, рече министерката за образование Весна Јаневска
Министерката за образование и наука Весна Јаневска информира дека од наредната учебна година, наместо печатени, свидетелствата за завршените одделенија во основното образование ќе бидат во електронска верзија. Свидетелствата потоа електронски ќе се преземаат од средните училишта до кои учениците поднеле електронска пријава за упис, за на тој начин да биде проверен успехот и останатите критериуми.

„Децата и родителите де факто и немаат потреба да го имаат свидетелството во раце освен што тоа е некаков начин да се дружат, да се пофалат, да се израдуваат, па некои и да се разочараат и да вложат повеќе труд. Впрочем училиштето секогаш може да искористи еден до два топа хартија од по 500 денари за да им даде некаков вид на документ на децата дека завршиле одделение. Бидејќи системот може да ги повлече свидетелствата електронски за упис во средно, тие де факто немаат потреба од тие свидетелства“,
изјави министерката за образование.
Истата процедура за електронско преземање на свидетелствата ќе важи и за факултетите.
Јаневска рече дека новитетот ќе се воведе од следната учебна година, не затоа што оваа година не може да се имплементира, туку затоа што, како што рече, голем број ученици и родители не знаат како да го направат тоа.
„На учениците им се случува да прикачат еден документ, а при прикачување на вториот да им се изгуби првиот. Потоа кога го враќаат првиот да им се изгуби вториот или третиот. Лесна е процедурата, но дигиталната писменост треба да се поткрене на повисоко ниво. Затоа се уште велиме да се даваат во хартиена форма свидетелствата за населението да се подготви затоа што навистина имаме рурални средини и помали општини каде што немаат компјутерска лабораторија или училница, каде што интернетот не е стабилен, каде што ни наставникот бидејќи нема технолошки средства не може да ги научи како, но ние годинава масовно снабдуваме со се што е потребно за процесот на дигитализација да може да се подобри“,
додаде министерката.
Јаневска изрази очекување дека новитетот ќе биде имплементиран над 90 отсто во текот на следната година.