Здравствените институции во САД претходно соопштија дека вакцината против ковид од „Фајзер/Бионтек“ се покажала како 90,7 проценти ефикасна во спречувањето на ковид-19 кај децата. Студијата, која опфати повеќе од 4 600 деца, не откри сериозни несакани ефекти
80 отсто од возрасните во земјата примиле најмалку една доза од вакцината против коронавирус, а 70 отсто примиле две дози
На 8 ноември во САД ќе започне вакцинацијата на децата од пет до 11 години, соопшти Белата куќа.
Координаторот на Белата куќа за ковид-19, Џеф Зајентс рече дека 80 отсто од возрасните во земјата примиле најмалку една доза од вакцината против коронавирус, а 70 отсто примиле две дози.
Зајентс потсети дека Американската агенција за храна и лекови (ФДА) минатата недела ја одобри вакцината против ковид-19 за деца на возраст од пет до 11 години.
„Во петокот почнавме да дистрибуираме 15 милиони вакцини „Фајзер“, неколку минути по одобрувањето од ФДА“,
рече Зајентс.
Тој потсети дека 28 милиони деца на возраст од пет до 11 години ќе можат да се вакцинираат доколку Американскиот центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) ја одобри вакцината.
„Од недела, 8 ноември, програмата за вакцинација ќе биде целосно подготвена за оваа возрасна група. Родителите ќе можат да закажат термин за вакцинирање на нивните деца“,
рече Зајентс.
ФДА, во своето одобрување за итна употреба на вакцината „Фајзер“ за деца на возраст од пет до 11 години, препорача помали дози од оние што се даваат на возрасни и тинејџери. Дозата одобрена од ФДА за деца е една третина од онаа дадена на другите возрасни групи.
Здравствените институции во САД претходно соопштија дека вакцината против ковид од „Фајзер/Бионтек“ се покажала како 90,7 проценти ефикасна во спречувањето на ковид-19 кај децата. Студијата, која опфати повеќе од 4 600 деца, не откри сериозни несакани ефекти.
Во САД има околу 28 милиони деца на возраст од пет до 11 години.