На 23 факултети во рамките на скопскиот универзитет за упис во академската 2025/2026 година се слободни вкупно 9 719 места за идни студенти
Од следната недела, односно од 19 и 20 август, стартува првото пријавување за упис во прва година додипломски студии на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ Скопје за академската 2025/2026 година. Вториот уписен рок ќе биде на 11 и 12 септември, а третиот на 24 септември.

Според Конкурсот, кој УКИМ го објави во јуни годинава, на 23 факултети во рамките на Универзитетот се слободни вкупно 9 719 места за идни студенти. Од нив, 4 683 места се за редовни студенти во државната квота, 4 081 за редовни студенти со кофинансирање на студиите, 955 места се ослободени за вонредни студенти.
Најмногу слободни места за упис има на студиските програми на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ (1 020), потоа на Природно-математичкиот факултет (910), на Филозофскиот факултет има 880 слободни места, на Филолошкиот 810 места, Медицинскиот факултет (760), Економски (700), Правен факултет (610), Факултет за електротехника и информациски технологии-ФЕИТ (590).
Како и досега, редовните студенти кои се финансираат од државниот буџет ќе плаќаат партиципација од 200 евра, а оние со кофинансирање и вонредните ќе плаќаат по 400 евра.
Во објавениот Конкурс на УКИМ се наведени условите и критериумите за запишување, роковите, потребните документи и начинот на аплицирање. Пред пријавувањето, секој заинтересиран кандидат треба да се регистрира на веб-страницата www.upisi.ukim.mk и да ја пополни електронската пријава од iKnow-системот.