Најзначајната вест во смисла на новитетите воведени на охридскиот аеродром, според министерот за транспорт Александар Николоски, е дека „Туркиш ерлајнс“ ќе воведе редовни летови на релација Охрид-Истанбул-Охрид од 30 март следната година
Дубаи, Барселона, Лион, Штутгард, Базел и Истанбул се шесте дестинации до кои од следната година ќе има директни летови од скопскиот и од аеродромот во Охрид.

Според најавата на министерот за транспорт Александар Николоски, летот на релација Скопје-Дубаи-Скопје преку авиокомпанијата „Флај Дубаи“ ќе се воведе двапати неделно од 30 март следната година.
„Од 30 јуни двапати неделно ќе се лета Скопје-Барселона-Скопје, со што се отвора Шпанија како дестинација, Од 30 јуни трипати неделно ќе се лета и Скопје-Лион-Скопје, со што се отвора јужна Франција, првпат како дестинација. Од следната година трипати неделно ќе се лета и на релација Скопје-Штутгард-Скопје со што се отвора западниот дел од Германија“,
најави министерот за транспорт.
Од аеродромот „Свети Апостол Павле“ во Охрид, пак, од следната година ќе се лета на релација Охрид-Базел-Охрид. Најзначајната вест во смисла на новитетите воведени на охридскиот аеродром, според министерот, е дека „Туркиш ерлајнс“ ќе воведе редовни летови на релација Охрид-Истанбул-Охрид од 30 март следната година.
„Ова значи дека охридскиот аеродром го отвораме како дестинација кон најголемиот аеродром во Европа и аеродром којшто има најмногу летови за поврзување од каде што може понатаму да се лета, што ќе значи комплетно нова страница на охридскиот аеродром“,
порача Николоски.
Воведувањето на шесте нови авиолинии на двата аеродрома во државата, како што оцени министерот, треба да донесат многубројни нови туристи, но и да го олеснат патувањето од земјава во странство.
Во процес на подготовка е и втор повик кој треба да се објави кон крајот на ноември и да донесе нови дестинации.