На првиот ден од форумот во Карбис Беј, Велика Британија, лидерите на седумте индустриски најразвиени држави се очекува да разговараат за обнова по пандемијата со фокус на донирање вакцини против ковид-19 и обезбедување финансиска поддршка за производство на вакцини
Денеска во Велика Британија започнува Самитот на Г7, на кој светските лидери ќе дискутираат за клучни теми, кои се важни за секоја земја одделно и за целиот свет. Но, според најавите, фокусот ќе биде на борбата против новиот коронавирус и климатските промени.
Русија и заканата за демократијата
Една од клучните цели на американскиот претседател Џо Бајден е да ја демонстрира солидарноста на Западот, пред неговата средба со рускиот претседател Владимир Путин во Женева на 16 јуни. Американскиот претседател во „Вашингтон пост“ напиша дека неговата цел е да ги собере светските демократии и да направи големо „рестартирање“ на надворешната политика, по потезите на неговиот претходник Доналд Трамп, кој кокетираше со автократите.

По минатомесечниот состанок, министрите за надворешни работи на Г7 изјавија дека се длабоко загрижени за негативниот модел на неодговорно и дестабилизирачко однесување на Русија. По слетувањето во Велика Британија во средата вечерта, Бајден на американските трупи во воздухопловната база Сафолк им порача:
„Јасно ставивме до знаење дека САД се вратија и дека светските демократии работат заедно за да се справат со најтешките предизвици и прашања кои се најважни за нашата иднина“,
пренесува Гардијан.
Кина
Кина ќе биде една од главните теми на Самитот, на што сугерира поканата Австралија, Индија и Јужна Кореја да присуствуваат на состанокот како гости. Досегот и влијанието на Пекинг за нив е клучно прашање. Планот на Бајден е да ги убеди европските земји да ја разберат заканата од кинеското влијание врз демократијата, додека кинеските инвестиции се слеваат во инфраструктурата и во компаниите во Европа.
Борис Џонсон, кој неодамна во својот план за одбрана и безбедност вети обновена „индо-пацифичка алијанса“, исто така, сака да најде начин за соработка за намалување на влијанието на Пекинг.
Вакцини
Џонсон објави дека сака целиот свет да се вакцинира до крајот на 2022 година, но тој понуди малку детали за тоа како тоа може да се оствари. Бидејќи повеќето земји од Г7 се на пат да ги вакцинираат своите возрасни популации, а Британија има милиони вакцини вишок, светот бара детален и ефективен план од Г7.
Повеќе од 200 поранешни светски лидери и министри за надворешни работи, вклучително и двајца поранешни британски премиери, Гордон Браун и Тони Блер, им пишаа на лидерите на Г7 на почетокот на неделава, повикувајќи ги да се договорат за покривање на две третини од трошоците за вакцини. Ако ова се договори во Корнвол – тоа ќе биде најголемиот успех на овој Самит на Г7.

Она што многумина го сметаа како знак на надеж за враќање на мултилатерализмот, е договорот за експлоатација што министрите за финансии на Г7 го потпишаа во Лондон минатата недела, поставувајќи ги темелите за построг глобален даночен режим. Новиот систем има за цел да им овозможи на владите да ги оданочуваат најпрофитабилните фирми каде и да заработуваат пари и да постави минимална даночна стапка од 15 проценти.
Активистите велат дека стапката од 15 проценти е прениска – Бајден предложи 21 процент. Исто така, постои загриженост за тоа како добиените приходи би биле поделени помеѓу Г7 и земјите во развој и колку време ќе биде потребно за да се имплементираат.
Лидерите на Г7 најверојатно ќе го поздрават договорот за почеток на новата ера на соработка.
Помош и образование за девојчињата
Уште од времето кога беше министер за надворешни работи, Џонсон ја потенцираше важноста на образованието на девојчињата, споредувајќи го со корисноста на „швајцарскиот нож за војската“, што ќе помогне во решавање низа други развојни проблеми. Но, активистите за борба против сиромаштијата го обвинуваат премиерот за лицемерство поради неговата одлука за привремено укинување на трошоците од 0,7 проценти од националниот доход за помош.

Велика Британија може да изврши притисок врз другите земји да се посветат на зајакнување на помошта за образование на девојчињата.
Клима
Дискусијата за климата сега би била поедноставна отколку претходните години, бидејќи Трамп нема да присуствува на овој состанок. Еден од првите потези на Бајден како претседател беше САД да се вратат на Парискиот договор за климата.

Иако климата е важен елемент на овие состаноци, многу е можно сега, поради коронавирусот, вакцините и даноците, единствениот исход на крајот од состанокот да биде „празна приказна“.
Предвидени се неколку протести поради климатски проблеми што се совпаѓаат со Самитот, а чија цел е да ги натераат лидерите да бидат пофокусирани. Но, за Џонсон влогот е релативно голем.
Климатскиот самит Коп26 ќе се одржи во Глазгов во ноември, а Џонсон ќе сака да создаде политичко движење кое се движи кон тоа. Затоа е под притисок да излезе во јавноста викендов со нешто конкретно и договорено во политички рамки.
„Брегзит“
Кога станува збор за „брегзит“, Џонсон не сака темата да биде ни близу до Г7. Но, министерот за „брегзит“, лорд Фрост, ќе отпатува за Корнвол. Советникот за национална безбедност на Бајден изрази загриженост за прекинување на спорот околу спроведувањето на протоколот за Северна Ирска, предупредувајќи на ризиците од нарушување на мировниот процес.
Поради тоа, Џонсон ќе биде под притисок да направи отстапки, пренесува „Гардијан“.