Од следната недела ќе се вакцинираат вработените во основните и средните училишта во државата, соопшти денеска Министерството за здравство.
„Овој процес на имунизација на наставниот и ненаставен кадар вработен во образованието, како дел од критичната инфраструктура го спроведуваме за реализација на воспитно-образовниот процес со физичко присуство на учениците во учебната 2021/2022 година“,
се додава во соопштението.
Следната недела ќе започне закажувањето термини за вакцинација и на вработените во високо-образовните институции.
Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, додавааат од Министерството за здравство. Бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 484.220 граѓани.
„На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 358.686 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 11.299 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 13.732 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 586.537 дози вакцини, а ревакцинирани се 227.851 граѓани. Со последните бројки 53 % од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 50 % од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 45 % од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина“,
стои во соопштението од Министерството.