Дел од автобусите што ќе бидат вклучени во јавниот превоз, Ѓорѓиевски рече дека ќе бидат на линии што ќе ги држат приватните превозници, а дел ќе бидат комбинирани
По вчерашната информација дека од работните места во комуналните претпријатија се отстранети 371 лице, Ѓорѓиевски рече дека таа бројка денеска е 398, а убеден е дека ќе стигне до 500

Од понеделник по скопските улици ќе почнат да возат 55 нови приватни автобуси со цел да се олесни јавниот транспорт на скопјани, најави денеска градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски. Дополнително, во наредните два месеца, рече дека ќе бидат вклучени уште 20 автобуси, што според него ќе значи нормализирање на јавниот транспорт заедно со 80 нови автобуси кои се очекува да пристигнат следната година.
Тој денеска имаше средба со приватните превозници за да се финализира нивното вклучување во јавниот транспорт и рече дека се потпишани лиценците со превозниците.
Јовица Зафировски, претставник на приватните превозници, рече дека изминатиот период работеле на обнова на возниот парк и оти можат да одговорат на потребите на Град Скопје.
„Во периодот што следува ќе работиме на промена на возниот ред кој за кратко време ќе биде воведен и почитуван и автобусите ќе пристигнуваат навреме, како што пишува на таблите“,
рече тој.
Според него, долгот што Град Скопје го има кон нив е околу 180 милиони денари.
Ѓорѓиевски посочи дека наредната недела ќе има уште еден состанок со превозниците на кој ќе се договори рокот во кој ќе бидат редовно исплаќани за нивните услуги кон граѓаните, а ќе се договори и возниот ред.
Во однос на тоа што дел од автобусите сè уште се со странски регистарски таблички, Зафировски рече дека мора да помине процедурата за царина, хомологација, да се бојадисаат во црвено-бела боја и потоа да се поднесе барање за лиценца во Град Скопје.
На новинарско прашање во врска со тоа дали е потребно да се распише оглас за вклучување на приватните превозници во јавниот превоз и да има одлука од Советот на Град Скопје за нови линии, Ѓорѓиевски не даде конкретен одговор, но рече дека досега на приватниците не им биле потпишувани лиценците.
„Со тоа се правеше опструкција за граѓаните да имаат нормализиран транспорт. Дополнително, проблемите што беа поврзани, а се однесуваа на неплаќањето кон нив ќе бидат регулирани наредната недела откако ќе се направи промена во менаџментот на ЈСП“,
додаде тој.
Дел од автобусите што ќе бидат вклучени во јавниот превоз, Ѓорѓиевски рече дека ќе бидат на линии што ќе ги држат приватните превозници, а дел ќе бидат комбинирани.
Градоначалникот најави дека во ребалансот на буџетот ќе влезе и БРТ-системот, за кој смета дека е неопходен во комбинација со другите алтернативи за да се реши сообраќајниот хаос.
„Во комбинација автобуси, градски воз и БРТ, мислам дека за многу скоро време нашите сограѓани во градот Скопје ќе добијат конечно ефикасен, ефективен јавен транспорт како што заслужуваат“,
додаде Ѓорѓиевски.
По вчерашната информација дека од работните места во комуналните претпријатија се отстранети 371 лице, Ѓорѓиевски рече дека таа бројка денеска е 398, а убеден е дека ќе стигне до 500.
„Повикав институциите да влезат и да се позанимаваат со овие случаи и со функционирањето на јавните претпријатија, како се вршени злоупотреби, како се набавувани материјали и резервни делови за кои немало потреба. Додека половина Скопје нема вода за пиење, во ’Водовод и канализација’ има четири магацини полни со материјали“,
кажа Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски посочи дека за местата на лицата што се отстранети од работа нема да има конкурси за прием на нови, затоа што, како што рече, „покажавме дека и без нив може да функционира работењето на градот“.
Предлог што најави дека ќе го поднесе до Советот е да се врати системот во кој одлагањето на отпадот ќе може да се врши од 6 наутро до 22 часот навечер.
Ѓорѓиевски рече дека градската каса вчера ја затекнал со 40 милиони денари и со сериозни долгови, особено кон јавните претпријатија.
