Со новите цени, од полноќ, еуросупер БС-95 ќе чини 81,50 денари за литар, еуросупер БС-98 ќе се продава по 83,50 денари, а дизелот ќе биде 70,50 денари

Од ноќеска на полноќ ќе има нови, повисоки цени на бензините и дизелот. Малопродажните цени на бензините еуросупер БС-95 и БС-98, како и на еуродизел (Д-Е V) се зголемуваат за 1,5 денар. За исто толку се зголемува и цената на екстра лесното масло за домаќинства, а за цена повисока за 0,922 денари за килограм ќе се продава мазутот, соопштија од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
Со новите цени, од полноќ, еуросупер БС-95 ќе чини 81,50 денари за литар, еуросупер БС-98 ќе се продава по 83,50 денари, дизелот ќе биде 70,50 денари, а екстра лесното масло 1 (ЕЛ-1) 69 денари за литар. Цената на мазутот М-1 НС ќе изнесува 40,526 денари за килограм.
Според РКЕ, референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек кај бензините за 3,803 отсто, кај дизелот за 2,996, кај екстра лесното масло за 2,977 и кај мазутот зголемувањето е за 2,913 проценти.
Од РКЕ велат дека курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој се формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,122 отсто.