Освен бензините кои од полноќ поскапуваат за два и пол денари за литар, за 1,903 денари за килограм се зголемува и малопродажната цена на мазутот М-1 НС и ќе изнесува 54,339 денари
Од ноќеска на полноќ бензините поскапуваат за два и пол денари за литар, а цената на дизелот останува иста односно денеска нема да се менува, одлучи Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ).
Според одлуката на РКЕ, новата малопродажна цена на еуросупер БС-95 изнесува 94,5 денари за литар, а еуросупер БС-98 ќе се продава за 96,5 денари за литар. За 1,903 денари за килограм се зголемува и малопродажната цена на мазутот М-1 НС и ќе изнесува 54,339 денари.
Малопродажните цени на еуродизел (Д-Е V) и на екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1), не се менуваат и остануваат 86 денари, односно 84 денари за литар.
Како причина за промена на малопродажните цени на нафтените деривати од РКЕ ги посочуваат зголемените референтни цени на светскиот пазар кај бензините во просек за 4,216 отсто и кај дизелот во просек за 0,65 отсто, како и за 0,619 отсто повисокиот курс на доларот во однос на денарот.
Со денешната одлука на Регуларотната комисија се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,8 отсто.