Во изминатите три дена, вклучувајќи го и последново покачување на цените на нафтените деривати, бензините поскапеа за 14 денари, а цената на дизел-горивото се покачи за 11 денари за литар
Од вечерва на полноќ бензините поскапуваат од два до два и пол денари за литар, а цената на дизелот останува иста, односно денеска нема да се менува, одлучи Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
Со одлуката на РКЕ малопродажната цена на еуросупер БС-95 се зголемува за два денари за литар и ќе чини 109 денари, а на еуросупер БС-98 се зголемува за 2,5 денари и ќе изнесува 111,5 денари за литар.
Цената на еуродизел (Д-Е V) денеска не се менува и останува 99,5 денари за литар, додека малопродажната цена на екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемува за три денари и од утре ќе се продава за 98,5 денари.
Со одлуката на РКЕ не се менува ниту малопродажната цена на мазутот М-1 НС и таа и понатаму ќе изнесува 54,64 денари за килограм.
Според денешната одлука на Регулаторната комисија, се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,46 отсто, а како причина за зголемените малопродажни цени на нафтените деривати од РКЕ ги посочуваат зголемените референти цени на светскиот пазар кај бензините во просек за 3,497 отсто и кај дизелот за 1,882 отсто, како и за 0,105 отсто понискиот курс на доларот во однос на денарот.