Вкупно во моментов има 151 359 невработени, според евиденцијата на Агенцијата за вработување
Сто педесет и една илјада и 359 невработени лица се регистрирани во Агенцијата за вработување заклучно со септември 2020 година.
Во евиденцијата на невработени, според објавените податоци, од почетокот на ковид-кризата бројот на невработени е поголем за 43 627 лица.
Од Агенцијата појаснуваат дека до 30 септември се евидентирани 14 819 невработени лица по основа на прилив од работен однос за кои престанокот, односно одјавата од задолжително социјално осигурување е регистрирана во периодот по 11 март,
односно во периодот на кризата предизвикана од ковид-19.

Во текот на септември бројот на нови невработени е 13 702 – во евиденција на невработени се пријавиле 2 096, 3 880 се симнати од евиденција на невработени по сите законски основи, 1 411 се лица од евиденција на други лица кои бараат работа, 7 102 се лица кои престанале да се водат во евиденција на невработени, 1 053 се симнати од евиденција по законска основа, а 1 385 лица преминале во евиденцијата на други лица кои бараат работа.
Во текот на минатиот месец само, 4 664 лица се вработиле, а слободни работни места објавени на Агенцијата се 5 754.
Корисници на право на паричен надоместок, согласно Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност, во септември биле 6 800 лица, од кои технолошки вишок се 1 755, сезонци 4 656 и 389 се стечајци.
Од март кога почна ковид-кризата во евиденцијата на Агенцијата биле регистрирани 107 732 невработени лица, по што тој број по месеци се зголемува: во април тој број се зголемил на 114 762 лица, во мај на 121 187 лица, во јуни 133 455 лица, во јули на 141 777 лица, во август достигнува 144 759 невработени лица и во септември 151 359 лица.

Од регионите најголем дел од лицата без работа останале во Скопскиот, во Тетово, Куманово, Гостивар…

Во Скопје од март до септември бројот на невработени се зголемил од 19 273 на 29 686 лица, во Битола од 4 987 на 6 720, во Велес од 4 021 на 5 341, Виница од 669 на 1 041, Гевгелија од 960 на 1 940, Гостивар 7 022 на 10 653, Дебар од 2 123 на 2 938, Кичево од 2 826 на 4 037, Кочани од 2 593 на 3 608, во Крива Паланка 2 477 на 2 986, Куманово 12 412 на 15 734, Прилеп од 7 157 на 9 060, Струмица од 4 476 на 6 521, Тетово од 13 190 на 18 563 и во Штип од 2 674 на 4 344 невработени лица.