Во полициска станица во Центар вчера е пријавено дека од пациент кој починал, а бил хоспитализиран во ковид-центар на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје бил украден паричникот во кој имало пари, лични документи и предмети.
Ваквата информација се наоѓа во полицискиот билтен во која е наведено дека починатиот пациент имал 72 години, а пријавата ја поднел неговиот син.
Нема информации во која клиника во рамки комплексот „Мајка Тереза“, од оние каде се сместуваат ковид-пациенти бил хоспитализиран пациентот.
Според пријавата, кражбата се случила во периодот од 21 до 29 ноември.
Во ковид-центрите во Клиничкиот центар вчера е регистриран уште еден инцидент. Вечерта околу 22:30 часот, пациент со остар предмет се заканувал кон вработената.
За двата случаи, од МВР информираат дека се работи на расчистување.