Од отворањето на градинките на 9 септември до денеска регистрирани се вкупно 33 деца позитивни на коронавирусот и 109 вработени. Во моментов во изолација се 107 вработени и 650 деца, информира министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска. Таа посочува дека поголемата бројка на деца во изолација е поради тоа што еден позитивен негувател или воспитувач во изолација повлекува цела група од најмалку 15 деца и еден негов колега.
Шахпаска оцени дека состојбата во градинките е под контрола и тоа, како што рече, може да се види од досегашниот број позитивни случаи и лица во изолација.
„Кога зборувам за изолација, не сакам јавноста да биде дезинформирана. Тоа е вкупен број на лица ставени во изолација поради контакти. Тие не се позитивни. Нагласувам дека лицата што се ставени во изолација не се позитивни. Велиме дека состојбата е стабилна врз основа на фактот што 11 илјади деца во моментов престојуваат во градинките. Од тие 11 илјади во изолација се ставени околу 650 дечиња. Будно ја следиме состојбата и како ќе се одвива епидемиолошката состојба така и ќе бидат одлуките што ќе ги носи и министерството и владата“,
рече Шахпаска.
Министерката денеска потпиша договор за грант за изградба и реконструкција на градинки со градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, кој зборуваше за состојбата во градинките во неговата општина.
Како што кажа, од отворањето на градинките се регистрирани три позитивни случаи на вработени и само едно дете.
Ова, како што истакна градоначалникот Таравари, говори дека доколку се почитуваат протоколите за работа, епидемијата нема да се шири.
„Доколку се придржуваме на протоколите и ние како граѓани и тие што работат во училишта и градинките, нема да има голем број инфицирани“,
рече Таравари.
Тој смета дека, како што почнаа со работа градинките и настава со физичко присуство за децата до трето одделение, требало да одат на училиште сите деца.
„Мислам дека и училиштата требаше да почнат со цел капацитет само со скратени часови, а сите ученици да одат на настава бидејќи ако се придржуваат до протоколите оптимист сум оти сѐ би поминало без огромни или големи последици“,
рече Таравари.