Денешната ќе биде трета средба на Заев и Мицотакис. Грчкиот премиер изминатата година и пол лавираше во своите изјави за Договорот од Преспа – го отфрлаше во опозиција за сега да вели дека нема друг избор освен да ги исполнува меѓународните обврски на Грција
Премиерот Зоран Заев втор ден е во Атина, на конференцијата на „Економист“, на дискусии и средби посветени на она што, по членството во НАТО, е следна стратегиска цел на земјава – членство во ЕУ. Заедно со премиерот на Албанија, Еди Рама, Заев говореше за Западниот Балкан по 2020 – следните чекори во проширувањето на ЕУ, реформите што треба да се имплементираат, зголемување на трговијата и развојот, кои земји се клучните играчи…
Но, она што, сепак, предизвикува поголемо внимание во јавноста е најавената средба на Заев со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, која треба да се случи попладнево на работен ручек. Меѓу најавените теми за кои ќе разговараат се европската перспектива, билатералните односи, темите што произлегуваат од Договорот од Преспа, односно комисиите…
Денешната ќе биде трета средба на Заев и Мицотакис – по оние во септември 2019 г. на Генералното собрание на ООН во Њујорк и во ноември лани на Самитот во Солун.
Хронологија на една неконзистентност
Од потпишувањето на Преспанскиот договор на 17 јуни 2018 г., Мицотакис како опозициски лидер секоја можност ја користеше да ги обвини власта на СИРИЗА и премиерот Алексис Ципрас за продажба на националните интереси, застапувајќи тврди националистички позиции.
„Од моментот кога имаме признавање на македонски јазик и македонска националност, прашање на време е кога оваа земја ќе се нарекува само Македонија“,
изјави Мицотакис на прес-конференцијата во рамките на 83. Меѓународен саем во Солун пред точно две години (16 септември 2018 г.) и порача дека неговата партија нема да гласа за ратификација на Договорот од Преспа, дали во овој или во следниот парламент.
„Основниот проблем во договорот е во јазикот и националноста… Таму е суштината на проблемот и таму јас го лоцирам и вистинскиот проблем што е поврзан со иредентизмот на Скопје“,
дециден беше тогаш Мицотакис и најави дека ако преговорите започнат од почеток, не може да прифати македонски јазик и македонска националност.
Неговите тогашни изјави изобилуваа со навреди кон неговиот политички противник Ципрас и кон нашата земја. Но, во еден момент ќе каже:
„Од моментот кога договорот се ратификува, а во исто време, врз база на договорот, грчкиот парламент го ратификува и протоколот за интеграција во НАТО, прашањето со НАТО е завршено. Да бидеме апсолутно искрени и да им го кажеме тоа на грчките граѓани. Ратификуван договор, меѓународен договор, за жал, за земјата произведува законски резултати, кои е многу тешко да ги смениме“.
Сепак, тој остана на заканите дека во однос на нашето членство во Европската Унија, како влада, би ги истражиле сите можности што им стојат на располагање.
Седум месеци подоцна (април 2019 г.), во интервју за Ројтерс, тогаш се уште како лидер на опозицијата која беше во водство во анкетите пред парламентарните избори закажани за јули, Мицотакис најави дека неговата партија Нова демократија ќе се придржува до Договорот од Преспа, а ќе работи да ги подобри проблематичните последици, кои се спротивни на интересот на земјата.
Тој ја повтори и заканата дека Грција го задржува правото на вето во однос на европската перспектива на Скопје, како што пренесоа грчките медиуми.
Ројтерс тоа вака накусо го прераскажа:
„Мицотакис останува длабоко резервиран околу договорот постигнат од страна на левичарската влада со соседната земја со име Северна Македонија. Скопје не треба да очекува автоматска дозвола за влез во ЕУ сега кога е решен проблемот со името“.
Еден месец подоцна, во мај 2019 г., за белгискиот весник „Соар“, како лидер на партијата која се повеќе се гледаше како победник на изборите, а тој како иден премиер, повторно најави „ублажување“ на последиците од Преспанскиот договор, директно посочувајќи ги македонскиот јазик и македонската националност.
„Ќе се бориме мирно и одговорно за да ги ублажиме последиците од овој договор, кои се сериозно негативни, и да ја заштитиме нашата земја од опасностите што ги носи. Затоа и нема да се откажеме од нашето право на вето за пристапувањето на соседната држава во Европската Унија“,
изјави тогаш Мицотакис.
Во тој период неговите изјави главно се движеа во истата линија.
Во еден од последните предизборни настапи неколку дена пред парламентарните избори на 7 јули 2019 (ТВ Алфа, 3 јули), Мицотакис, на директното прашање, што ќе направи со Договорот од Преспа, одговори директно со: „Овој договор не може еднострано да се поништи“.
„Затоа бев многу искрен со грчкиот народ во парламентот, истите пратеници ги поставив пред нивната одговорност. Им реков внимавајте што правите бидејќи овој договор, ако се ратификува, многу тешко ќе се смени во иднина. За жал, договорот беше ратификуван“,
рече Мицотакис и ќе објасни:
„Сега веќе имаме една Северна Македонија, која има Македонци признаени од договорот, кои говорат македонски јазик и ја имаме грчката Македонија, а еден граѓанин од странство со право се чувствува збунето. Ќе научат странците дека кога говориме за Македонија, првата работа што им доаѓа на памет е грчката Македонија, нашата класична култура“.
Од Берлин, преку Њујорк, до Солун
„На канцеларката ѝ се познати моите ставови за Преспанскиот договор, кој е договор со сериозни недостатоци, но кој може да биде подобрен во рамките на вкупната европска перспектива на Балканот“.
Вака Мицотакис, тогаш веќе како премиер, одговори на прашањето на прес-конференцијата со германската канцеларка Ангела Меркел за време на неговата прва посета на Германија (29 август 2019).
Нецел месец подоцна, на маргините на Генералното собрание на ООН (24 септември 2019), Заев и Мицотакис првпат се ракуваа како премиери на Северна Македонија и на Грција. Соопштенијата од обете страни беа со дипломатски речник, без детали:
„Средбата мина во добра атмосфера. Мицотакис му предочил на Заев дека бил против Преспанскиот договор и дека како лидер на опозицијата работел против неговата ратификација. Но сега, по неговата ратификација, тој е дел од меѓународното право и Грција мора да го почитува. Грчкиот премиер побарал од Заев да не се одложува имплементацијата на одредени аспекти на договорот, особено во делот на трговските марки“.
Не помина многу време до втората средба на двајцата премиери. На Самитот „Тесалоники 2019“ на 14 ноември, тие повторно разговараа, а Заев по средбата изјави дека Грција ќе помогне да добиеме датум за почеток на преговорите со ЕУ, а спроведувањето на Преспанскиот договор ќе оди според предвидената динамика.
„Зборуваме за граничните премини. Зборуваме дека е добро што се гради преминот Маркова Нога. Зборувавме дека меѓународната експертска група треба да продолжи со разговорите и состанокот за да ги најде прифатливите решенија, секако, за двете страни… Премиерот на пријателска Република Грција ќе се бори за нашата земја за конечно да го добие датумот за почеток на преговори и јас сум среќен поради тоа“,
изјави тогаш Заев.
Разочараност од ветото на Франција за отворање на преговорите
Најголемиот исчекор во ставовите на Мицотакис ќе дојде од Вашингтон, од неговиот настап во дебатата во Атлантскиот совет, во јануари годинава.
„Не треба да им ја затвориме вратата в лице“,
рече Мицотакис говорејќи за одбивањето на Франција да даде зелено светло за почеток на преговорите на ЕУ со Северна Македонија и Албанија.
Тогаш Мицотакис децидно застана зад пристапувањето и рече дека е разочаран од ветото на Франција за отворање на преговорите со Северна Македонија.
„Се надевам дека во мај во Загреб, Франција, Данска и Холандија ќе ги преиспитаат нивните одлуки“,
рече грчкиот премиер.
Во однос на Договорот од Преспа кажа дека е испочитуван, но дека сè уште има проблеми со неговото имплементирање како трговските марки и сопствеништвото на брендот.
Иако не се очекуваат некакви изненадувања, денешната средба сама по себе предизвикува голем интерес, особено што грчкиот премиер Мицотакис изминатата година и пол балансираше во своите изјави за Договорот од Преспа.