„Овој пат, што денес го пуштаме, нè поврзува со еден од најголемите духовни и туристички центри на Балканот – манастирскиот комплекс ‘Свети Наум’. Тој ги поврзува и сите плажи и туристички капацитети на јужниот дел од охридското крајбрежје. И не само тоа, тој е и дел од регионалната врска со Република Албанија“, изјави премиерот Христијан Мицкоски на свеченото пуштање во употреба на реализираната инвестиција од 11,7 милиони евра
Ова денес не е само пуштање пат. Ова е уште една потврда за определбата на Владата да се гради, без многу врева. Без партиски и бизнис-спектакли. Со план, со јасна визија и многу работа, рече премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање на свеченото пуштање во употреба на реконструираниот регионален пат од Охрид до Свети Наум.

Станува збор за инвестиција од 11,7 милиони евра, со која се реконструирани 24,3 километри од патот, односно направена е целосна санација на коловозот, поставена е нова патна сигнализација, безбедносни огради, а направени се и заштитни интервенции на ризичните косини на патот широк шест метри.
„Овој пат, што денес го пуштаме, нè поврзува со еден од најголемите духовни и туристички центри на Балканот – манастирскиот комплекс ‘Свети Наум’. Тој ги поврзува и сите плажи и туристички капацитети на јужниот дел од охридското крајбрежје. И не само тоа, тој е и дел од регионалната врска со Република Албанија“,
рече Мицкоски.
Премиерот потсети дека во моментов во тек е изградбата на уште неколку клучни патни правци, споменувајќи ги притоа автопатот Кичево – Охрид, каде, како што кажа, работите силно се забрзуваат. Рече дека делниците Тетово – Гостивар и Гостивар – Букојчани се активни, а се работи и на подготовка за градба на делницата Букојчани – Кичево, со што, како што кажа, целосно се затвора автопатскиот прстен во Западна Македонија.
„Нашата стратегија е јасна, инфраструктурата не е трошок, таа е инвестиција во иднината на државата. Инфраструктурата ги отвора вратите за туризам, за економија, за регионално поврзување, за работни места, за живот со достоинство“,
рече Мицкоски.

За вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, патот Охрид – Свети Наум, за кој забележа дека одредени делници не биле санирани од неговата изградба, е од витално значење за целото охридско крајбрежје и туризмот.
„Особено ми е драго што се направи еден модерен пат и полесно и побрзо ќе можат преку целата година да стигаат луѓето коишто живеат на овој дел од езерото, но исто така и туристите полесно да комуницираат“,
рече Николоски.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), Коце Трајановски, рече дека патот е завршен во предвидениот рок и оти денес имаме побезбеден, попрегледен и рехабилитиран пат.
„Ги подигнавме стандардите на безбедност во сообраќајот, обезбедивме квалитетна врска од Охрид до манастирскиот комплекс ‘Свети Наум’, го подигнавме квалитетот на туристичкиот потенцијал и го поттикнуваме економскиот развој во Охридскиот Регион“,
рече Трајановски.

Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, изрази задоволство за реализацијата на капиталниот проект со кој, како што кажа, е решен еден од најгорливите инфраструктурни проблеми во општината.
„Станува збор за еден од најзначајните проекти за Охрид, како најголема туристичка дестинација во регионот. Реконструираната, проширена и партерно уредена делница Охрид – Свети Наум отвора нови хоризонти за охридскиот туризам. Новиот пат значи побезбеден пристап на туристите од и кон Охрид и плажите вдолж ривиерата. Овој проект посакуван од дамнина, сега веќе е реализиран и треба да претставува во иднина поттик за решавање и изработка на проект, кој на експресен начин ќе го олесни и сообраќајно ќе ги реши двете најпосетувани дестинации, Заливот на коските и манастирот ‘Свети Наум’,
рече Пецаков.
