Сепак, во синоќешното видеообраќање, украинскиот претседател меѓудругото предупреди дека ситуацијата во источна Украина и натаму останува исклучително тешка од воена гледна точка
Повеќе од 3 000 луѓе се евакуирани од украинскиот пристанишен град Мариупол, кој е под опсада на руската армија, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во синоќешното видеообраќање.
Тој рече оти хуманитарните коридори вчера работеле во три украински области – Донецк, Луганск и Запорожје.
„Успеавме да спасиме 6 266 луѓе, од кои 3 071 од Мариупол“,
рече тој.
Конвојот на Црвениот крст кој се упатува кон Мариупол, пак, денеска ќе се обиде да евакуира цивили од опколениот украински град, каде десетици илјади луѓе се заробени и имаат слаб пристап до храна и вода.
Во видеообраќањето, Зеленски меѓудругото предупреди дека ситуацијата во источна Украина и натаму останува исклучително тешка од воена гледна точка.
Според него, Русија се подготвува за нови напади во источниот регион Донбас и североисточниот град Харков.
„Руските трупи во северна Украина се повлекуваат, бавно, но сигурно“,
додаде тој.
Во видеообраќањето украинскиот претседател рече и оти повлекувањето на руските трупи зад себе остава „целосна катастрофа“ и го предупреди населението во северните региони и периферијата на главниот град Киев да внимава на новото руско гранатирање и напуштените противпешадиски мини.