Од компликации со ковид-19 почина радиологот Поликсена Стојановска-Ѓоргиевска од Здравствениот дом во Ресен.
Вработените од Здравствениот дом со емотивна порака се простија од својата колешка, која ја изгуби битката со вирусот.
„Тешко е да се простиш од некој и да кажеш збогум кога е тој нераскинливо врзан за твоето постоење и функционирање. Но е лесно кога треба да кажеш што сѐ тој човек значи за нас. Поликсена Стојановска-Ѓоргиевска – нашата Поли – специјалист по радиодијагностика. Целиот свој работен век е дел од овој колектив, сето свое знаење и квалитет ги вгради во оваа институција, цела своја човечност и топлина им ја даде на пациентите во Преспа“,
велат колегите.
Стојановска-Ѓоргиевска ја опишуваат како насмеана, тивка, одмерена, но со силен став и професионалност.
„Беспрекорна во својата работа, без компромисно да одговори на лекарски повик, па дури и во овие времиња-невремиња беше во првата линија не враќајќи ниту еден пациент, не отстапувајќи – ниту еден ден. Никогаш не повиши глас, но одекна многу далеку и силно. Прекрасен човек, голем професионалец, незаменлива сопруга и мајка. Чест ни е што беше дел од овој колектив, што имавме можност да чекориме покрај тебе во животот и работата“,
пишува во прошталната порака од вработените во Здравствениот дом-Ресен.