„Стручниот колегиум при ЈЗУ УК за респираторни заболувања кај децата ‘Козле’ одговорно тврди дека сите лекари кои биле инволвирани во лекувањето на детето ги презеле и реализирале сите расположливи и потребни прегледи и иследувања и дадена е соодветна терапија според медицинските протоколи“, велат од Клиниката
Наспроти Комисијата за стручен надзор, која утврди низа пропусти во лекувањето на 14-месечното бебе што на почетокот на месецов почина на Детската клиника, од Клиниката за респираторни заболувања кај децата „Козле“ денеска излегоа со уверување дека нема пропусти во постапувањето и лекувањето на детето.

„Стручниот колегиум при Јавната здравствена установа Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата ‘Козле’, одговорно тврди дека сите лекари кои биле инволвирани во лекувањето на детето ги преземале и реализирале сите расположливи и потребни прегледи и иследувања и дадена е соодветна терапија според медицинските протоколи. Не е утврден пропуст во постапувањето и лекувањето на детето, во согласност со целокупната медицинска документација како доказ во Клиниката“,
велат попладнево од Клиниката „Козле“.
Оттаму додаваат дека го очекуваат мислењето на етичката комисија на Лекарската комора, а оти потоа ќе преземат понатамошни соодветни чекори. Во кусото соопштение Клиниката изразува сочувство до семејството на бебето.
Претходно вчера, министерот за здравство Арбен Таравари информира дека при извршениот стручен надзор во Клиниката за детски болести и во Клиниката за респираторни болести кај децата „Козле“, биле констатирани одредени недостатоци и тоа системски, технички, стручни и од аспект на опрема.