Рефромска агенда 2024–2027: Анализа на областа енергетска транзиција
Оџаците на РЕК „Битола“, најголемиот енергетски капацитет во земјава, чадат веќе 43 години. Трите блока на термоелектраната со децении се носечки столб на производството на електрична енергија. Но, Северна Македонија се наоѓа на крстопат помеѓу обврската за премин од јаглен кон зелена енергија и предизвикот да обезбеди сигурно и стабилно снабдување со енергија без социјални последици.

Реформската агенда 2024–2027, клучен документ за напредокот на земјава кон ЕУ, во сегментот енергетска транзиција и декарбонизација, предвидува утврдување „датум за исклучување на јагленот“ и сериозни инвестиции за поголема искористеност на обновливите извори на енергија и за унапредување на енергетската ефикасност во јавните објекти.
„Македонија е пред голема промена, треба да направиме трансформација на нашиот енергетски сектор, и да се префрлиме од старите технологии за производство на електрична енергија базирани на фосилни горива, претежно на нискокалоричниот лигнит, и да ги замениме со нови поефикасни технологии кои помалку ќе ја загадуваат животната средина. Замислете го нашиот енергетски систем како еден стар автомобил кој со децении возел на дизел (јаглен). Сега сакаме тој автомобил одеднаш да стане електричен и модерен. Тоа не оди преку ноќ“,
вели Виктор Андонов, енергетски консултант и поранешен советник за енергетика на премиерот.
Од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информираат дека точниот рок за исклучување на термоелектраните „Битола“ и „Осломеј“ сè уште не е утврден, со оглед на тоа што во моментов се работи на ревидирање на Националниот план за енергија и клима (НПЕК).
„Од големо значење ни е процесот да биде во целост транспарентен, што повеќе страни да се вклучени во истиот и да дадат свој придонес во дефинирањето на планот. По собирање и разгледување на коментарите и нивно рефлектирање во самиот документ, се очекува истиот да се поднесе на усвојување од страна на Владата“,
информираат од министерството.

Дел од клучните чекори за намалување на загадувањето е и воведување јаглероден надоместок, согласно т.н. Систем за тргување со емисии. Станува збор за давачка која се плаќа за секој тон емисии на јаглерод диоксид, со што практично се стимулира намалување на загадувањето. Еден од првите чекори во овој процес е воведување Пакет за следење, известување, верификација и акредитација (СИВА).
„Пакетот ќе обезбеди податоци за верификувани вредности за емисиите на стакленички гасови од инсталациите, врз основа на кои, по претходно усвоена методологија од страна на Владата, ќе се наплаќа јаглероден надоместок. Верификуваните вредности за емисиите на стакленичките гасови за производите кои се опфатени со механизмот на јаглеродното приспособување, ќе ја одреди и вредноста на надоместокот при извозот на тие производи во ЕУ“,
објаснуваат од Министерството за животна средина и просторно планирање.
СОНЦЕТО И ВЕТЕРОТ ГЛАВНИ АДУТИ ЗА ДЕКАРБОНИЗАЦИЈА
Сонцето и ветерот се клучни за транзицијата на македонскиот енергетски систем кон чиста енергија. Обновливите извори на енергија во 2023 година учествуваа со 20,2% во бруто-финалната потрошувачка на енергија во државата, а поставената цел во Националниот план за енергија и клима е до 2030 година тоа учество да достигне 31,6%. Реформската агенда, пак, предвидува зголемување на капацитетите на соларна и ветерна енергија за најмалку 0,8 GW до јуни 2027 година. Во документот како главни пречки за интензивирање на овој процес се посочени сложеноста, разновидноста и долготрајноста на постапките за доделување дозволи за проектите за обновливи извори. Од Министерството за енергетика велат дека со новиот Закон за енергетика се предвидува изработка на Годишен план за изградба на енергетски објекти.
„Министерството ќе продолжи да обезбедува услови за поддршка на финансирањето капитални проекти на обновливи извори на енергија, меѓу кои и значајни инвестиции на ЕСМ и други енергетски субјекти, со цел забрзано зголемување на производните капацитети и исполнување на националните и меѓународните енергетски цели.“

Целта е до 2030 година е да се постават 250 фотоволтаични системи на покриви, со инсталирана моќност од 250 MW, од кои целокупната произведена електрична енергија ќе се користи за сопствени цели или ќе се складира.
Според Андонов, важно е да се исполнат три фактори за да се обезбеди поголемо искористување на обновливите извори на енергија, и тоа инвестирање во батериски систем за складирање на енергијата, поголема енергетска ефикасност и воведување паметни мрежи.
„Ако ги тргнеме настрана митовите и ги погледнеме фактите: денес, производството на струја од фотонапонски и ветерни електрани е убедливо најевтино. Зошто? Затоа што „горивото“ е бесплатно. Сонцето и ветерот не праќаат фактура. Од друга страна, за старите електрани мораме да купуваме јаглен, гас или мазут. Цените на овие горива зависат од берзите, од тоа дали има војна во Украина или на Блискиот Исток. Како мала држава, ние немаме влијание врз тие цени и сме постојано изложени на ризик“,
потенцира Андонов.
ЕНЕРГЕТСКА ТРАНЗИЦИЈА БЕЗ СОЦИЈАЛНИ ПОСЛЕДИЦИ
Енергетската транзиција кон „зелено“ производство на струја и почиста животна средина има и социјална димензија. Исфрлањето од игра на јагленот ќе донесе ризик за вработените во термоелектраните „Битола“ и „Осломеј“. Реформската агенда предвидува т.н. праведна транзиција преку преквалификација и повторно вработување на овие лица. Таа содржи и конкретни бројки, според кои, до крајот на 2027 година, вкупно 300 вработени во РЕК „Битола“ и 50 вработени во ТЕЦ „Осломеј“ треба да минат низ процес на преквалификација, а најголем дел од нив да добијат и ново вработување.
„Во моментот ЕСМ со поддршка на Европската банка за обнова и развој имплементира неколку програми за преквалификација и доквалификација на работниците. Во план се и нови програми кои нема да бидат насочени само кон вработените во ЕСМ, туку и поврзаните компании во синџирот на снабдување. Се идентификуваат програми за преквалификација, доквалификација на профили кои се очекува да бидат атрактивни и барани на пазарот на труд (енергетска ефикасност, обновливи извори, одржливо одржување, логистика, услуги, туризам)“,
велат од Министерството за енергетика.
Дополнително, се работи и на отворање Центар за кариерно советување, како и поттикнување инвестиции во двата засегнати региони, со цел отворање нови работни места.
ЕНЕРГЕТСКИ ЕФИКАСНИ ЈАВНИ ОБЈЕКТИ И ШТЕДЛИВО УЛИЧНО ОСВЕТЛУВАЊЕ
Реновирање јавни објекти, промена на уличното осветлување, калориметри за секој стан. Врз штедењето енергија и намалување на загадувањето ќе се влијае и преку зголемување на енергетската ефикасност. Една од клучните мерки во овој сегмент е носење тригодишен План за реновирање на зградите на централната влада, според кој мора да се реконструира најмалку три отсто од вкупната корисна површина во јавните објекти. Планот е веќе донесен, а први на списокот за енергетски ефикасна реконструкција се објектите коишто се во најлоша состојба, како Министерството за здравство, зградата на Државниот завод за статистика, објектот на Агенцијата за катастар на недвижности и главната зграда на Управата за хидрометеоролошки работи.
„Во програмата се опфатени 14 јавни згради со вкупна корисна површина од 102 992 m², во кои функционираат 33 институции, што секојдневно ги користат повеќе од 5 000 лица. Целта е намалени енергетски трошоци, подобрени услови за работа, помали емисии и модернизиран јавен сектор согласно европските стандарди“,
посочуваат од Министерството за енергетика.
Секоја зграда прво ќе мине низ енергетска контрола, по што ќе се дефинираат конкретните мерки – од топлинска изолација на фасади и замена на прозорци, до поставување соларни системи за топла вода, фотоволтаици на покривните конструкции и модерни системи за греење, осветлување и автоматска контрола на потрошувачката. Потребната инвестиција за оваа активност се проценува на 11,11 милиони евра.

Реформската агенда, во овој сегмент предвидува обврски и за општините. Имено, до јуни 2027 година, сите 80 општини и Град Скопје треба да инсталираат штедливо улично осветлување. Дефинирани се значајни мерки и за објектите за колективно домување. Една од клучните е дека секоја нова зграда со повеќе потрошувачи која е приклучена на системот за централно греење, треба да има вградени калориметри кои ќе мерат колку топлинска енергија троши секое поединечно домаќинство.
ШТО ДОБИВААТ ГРАЃАНИТЕ И БИЗНИС СЕКТОРОТ?
✅ Почист воздух и поголема искористеност на обновливата енергија
- Замена на јагленот со „зелена“ енергија што особено ќе придонесе за намалување на аерозагадувањето во реонот на Битола и Кичево
- Најмалку 0,8 GW нови капацитети за обновлива енергија до јуни 2027
- Поголема државна поддршка за инвестиции во соларни и ветерни капацитети
- Поедноставни и побрзи процедури за добивање дозволи за проекти за производство на струја од обновливи извори
✅ Декарбонизација без социјални последици
- Нови пакети за намалување на енергетската сиромаштија
- Преквалификација на 300 вработени во РЕК „Битола“ и 50 вработени во ТЕЦ „Осломеј“
- Отворање нови работни места во јаглените региони
✅ Енергетски ефикасни јавни и приватни објекти
- Задолжителни енергетски сертификати за сите новоизградени згради
- Калориметри за топлинска енергија за секој стан
- Штедливо улично осветлување во сите 80 општини и Град Скопје
- Реконструкција на објекти во сопственост на државата со што ќе се намалат буџетските трошоци за ладење и греење
Овој извештај е изработен од страна на Институт за демократија „Социетас цивилис”, во рамки на проектот „Зајакнување на учеството на граѓаните и бизнисите во Берлинскиот процес и Реформската агенда на Северна Македонија“, финансиран од Фондација Отворено општество – Западен Балкан. Изнесените ставови и мислења се само на авторот(ите) и не ги одразуваат нужно ставовите на Фондацијата Отворено општество – Западен Балкан.
Photo: Unsplash.com
