Вицепремиерката за политики за добро владеење, Славица Грковска, вели дека од големо значење е изјавата на Анџела Прајс Агелер (номинирана од страна на претседателот Џо Бајден за амбасадорка на САД во Северна Македонија), која за време на сослушувањето во Сенатската комисија за надворешни работи, истакна дека доколку биде избрана за амбасадорка ќе помогне во борбата против корумпираните актери.
Во контекст на изјава на Агелер, Грковска денеска доби новинарско прашање за тоа кои се најкритичните точки за кои што треба да ни помага САД.
„Борбата против корупцијата, доброто владеење, владеење на правото се приоритет број еден за нашата држава уште повеќе во пресрет на скрнингот во рамки на преговорите со ЕУ. За мене и за Владата на РСМ е од големо значење ваквата порака на новата амбасадорка, а и ангажманот на досегашната амбасадорка на САД. Сакам да ве информирам дека како една од активностите на мојот Кабинет е инсистирање и давање обврска на институциите да подготват план за ризици во нивните институции за корупција и врз основа на плановите што ќе ги добиеме ќе направиме заеднички акциски план. Исто така да видиме и препораки и врз основа на кои принципи и начин би требало да се направи планот за ризици од корупција во сите институции за наредната 2023 година. Тоа се однесува на институционалниот аспект, а генерално сите оние институции кои претставуваат дел од законодавната, извршната и судската власта сигурна сум дека ќе бидат во фокусот на активностите и на новата амбасадорка во РСМ“,
посочи Грковска.
На вчерашното сослушување во Сенатската комисија за надворешни работи, Анџела Прајс Агелер, номинирана од претседателот Џо Бајден за амбасадорка на САД во земјава, рече дека ќе работи да ѝ помогне на Северна Македонија да развие национална стратегија со која ефективно ќе се бара одговорност од корумпираните актери, јави Гласот на Америка на македонски јазик.