Една од темите на утрешниот состанок на СЗО за регионот и на европскиот самит в среда е како ќе оди отворањето на границите и кои мерки ќе ги преземе секоја од земјите
Од координацијата со соседните земји ќе зависи политиката за патувања ова лето, рече министерот Венко Филипче одговарајќи на прашањето дали ова лето ќе може за време на летните одмори да се патува во туристичките места, било дома или во соседството.
Филипче рече дека деновиве разговарал со министрите за здравство на Албанија и Грција, но за одлука ќе мора да се причека на утрешниот состанок на Светската здравствена организација за регионот и на европскиот самит в среда, каде што на агендите е дискусијата за излезната стратегија од ковид-кризата.
Една од темите, како што рече Филипче, е и како ќе оди отворањето на границите и кои мерки ќе ги преземе секоја од земјите.
Од разговорот со грчкиот министер за здравство, Филипче рече дека дознал дека Грција планира отворање на границите во јуни, но сепак нагласи дека треба да се почека на заедничка координација на земјите од регионот за да може да се креира, како што рече, успешна приказна.
„Непочитување на мерките од кого било и каде било, ќе значи загрозување на јавното здравје и дома и надвор“,
истакна Филипче.
Тој потсети на ставот на епидемиолозите дека како и при други респираторни вируси така и во овој случај, со доаѓање на летото, може да се очекува префрлување на епидемијата на јужната хемисфера и наесен има ризик тој повторно да се врати на северот, каде што е сега.