Времето денеска ќе биде сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 14 до 22, а максималната ќе достигне од 34 до 42 Целзиусови степени
Во Скопје времето денеска ќе биде сончево и многу топло со слаб ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 19, а максималната ќе достигне до 40 степени.
Под влијание на топол бран и во следниот период ќе се задржи стабилното и многу топло време со дневни температури во поголемиот дел од земјава над 35 степени, а утринските во Скопје и во јужните делови нема да се спуштаат под 20 степени. Особено топло ќе биде утре во целава земја, а во петок во јужните делови, кога на места температурата ќе надмине 40 степени и ќе биде активно портокалово ниво на опасност од високи температури.
Поради топлотниот бран, Владата на вчерашната седница донесе препораки според кои, во следните четири дена, бремените жени и лицата на возраст над 60 години се ослободени од работните обврски, децата во градинките не смеат да имаат физички активности од 11:00 до 17:00 часот, приватниот сектор треба да го организира работното време со цел заштита од директна сончева изложеност на работниците, а се препорачува и избегнување престој на отворено од 11:00 до 17:00 часот.
Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран, да им даваат помош на осамените, стари, изнемоштени лица и на бездомниците.
Согласно овие препораки, Владата донесе заклучоци државните органи и јавните претпријатија и установи да ги почитуваат препораките.